Луксузниот мерцедес на Груевски ќе се продава за болничка опрема


Владата на синоќешната 43-та седница ја усвои одлуката со која автомобилот „Мерцедес“ од околу 600.000 евра што беше во сопственост на Министерството за внатрешни работи, ѝ се дава на трајно користење без надомест на владината Служба за општи и заеднички работи.

– Со тоа се создава можност ова возило да биде отуѓено и средствата добиени од тоа да бидат наменети за набавка на болничка опрема – соопштија од владината прес-служба.

„Мерцедесот“, според прислушкуваните разговори бил наменет во 2012 година и користен за поранешниот премиер Никола Груевски. СЈО соопшти дека ја отворило истражната постапка „Тенк“, во која осомничени се две лица, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од февруари до октомври 2012 година, а „за да ја исполнат желбата на тогашниот премиер“ за набавка на „специјално возило“

„Мерцедесот“ чинел 580 илјади евра. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на брифинг со новинарите кажа дека „мерцедесот“ има поминато 57 илјади километри, а најчеста релација му била до Пробиштип, односно до оваа десетинација се патувало 4-5 пати месечно. Тој посочи  дека гумите треба да се менуваат на 15 илјади километри, а бидејќи тие се отпорни на огнено оружје, четири гуми за ова возило чинат над 20.000 евра. Според министерот, ако не се набавел ова возило, МВР ќе можело да купи над 25 возила „Шкода јети“ кои ги користи полицијата.

Во 31. „бомба“ што СДСМ ја објави на 13 мај 2015 година, а врз основа на која СЈО ја отвори истрагата, за набавката на „мерцедесот“ зборуваат тогашниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.