Личните документи уште малку со Република Македонија


Промената на името во личните карти и во пасошите нема да почне веднаш туку откако ќе се спроведат дел од процедурите. По објавувањето на одлуката за стапување во сила на името „Република Северна Македонија“ во „Службен весник“, најпрвин ќе се сменат законите и подзаконските акти кои го регулираат изгледот и употребата на личните документи на граѓаните. Од Министерството за внатрешни работи, каде што граѓаните ги вадат своите лични документи, велат дека потоа ќе биде спроведена јавна набавка и ќе бидат набавени обрасците за новите лични документи.

„Дотогаш граѓаните непречено можат да ги користат постојните лични документи. За каква било промена, тие ќе бидат навремено информирани“, велат од Министерството за внатрешни работи за „Независен весник“.

За постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна и за внатрешна употреба што може да се користат надвор од државата е предвиден рок од пет години за нивно усогласување со уставните амандмани. За постоечките документи и материјали наменети исклучиво за внатрешна употреба усогласувањето ќе почне етапно – со отворање на секое поглавје од одредена тематика во преговорите со ЕУ, а ќе заврши најдоцна во рок од пет години од отворањето на поглавјето.

Личните документи ќе бидат клучни и за гласањето на претстојните претседателски избори во април. Државната изборна комисија ги повика сите граѓани кои сакаат да го остварат своето избирачко право да ги подигнат изготвените лични документи (лични карти и патни исправи) од управните служби на МВР. Доколку не ги подигнат своите документи, овие граѓани нема да бидат запишани во Избирачкиот список кој ќе биде ставен на јавен увид.(Ф.Ф.С.)