Лидија Трипуноска од „Марили“ прогласена за „Најжена на 21. век“ во Белград


Лидија Трипуноска, генерален менаџер на агенцијата „Марили“ од Скопје е добитник на наградата „Најжена на 21. век“ на интернационалната манифестацијата „Најжена и најмаж на 21 век“ што викендот се одржа во Белград, Србија.

Меѓу најуспешните бизнис и деловни жени од регионот кои се занимаваат со различни дејности, Трипуноска ја доби оваа престижна меѓународна награда за својот долгогодишен ангажман и постигнати резултати на полето на маркетингот и продукцијата во Македонија.

„Огромно задоволство е да се добие награда за проектите што ги работите посветено речиси четврт век, да бидете вреднувани и респектирани надвор од границите на сопствената земја, што ве прави свесни дека континуитетот и долготрајноста направиле промена во општеството во однос на квалитетот во дејноста во која работите. Особено ми е драго што големата поддршка што ја дава ’Марили’ за афирмација на жената во бизнисот, на ваков начин е препознаена, призната и верификувана и пошироко во регионот“, вели Лидија Трипуноска.

Манифестацијата „Најжена на 21. век“ која постои од 2002 година и ја организира агенцијата „Аирли ниво“ од Белград, има за цел да им ги претстави на пошироката јавност најуспешните, најпочитуваните, најсаканите, со еден збор – најжените на 21. век. За оваа многу значајна титула се номинираат дами од различни области, од бизнисот, медицината, образованието, но и од политиката, спортот, од медиумите, естрадата… Од 2017 година, манифестацијата го проширува изборот и на посилниот пол и годинава по втор пат се избираше „Најмаж на 21. век“.