Левица може да му нанесе мала штета на СДСМ


Можно ли е парламентарната сцена да доживее одредено редефинирање при брзи предвремени избори и да биде побогата за одредени политички структури кои моментно дејствуваат вонпарламентарно, како последица на референдумската пат-позиција? Дел од политичките субјекти и од десниот и од левиот политички спектар силно нагазија контра договорот со Грција.

Партијата Левица, која во 2016 година пред последните парламентарни избори предложи да се формира експлицитен кордон околу ВМРО-ДПМНЕ за изолација на партијата, со потпис на заеднички меморандум дека нема да учествува со нив во заедничка влада, сега стана истомисленик на оваа партија околу референдумското изјаснување предводејќи ја од самиот почеток кампањата за бојкот. Од партијата поднесоа иницијатива пред Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување референдум, со која бараат поништување, но и кривична пријава против премиерот Зоран Заев за кривично дело против државата – загрозување на независноста. Од СДСМ оценуваа дека Левица станува ретроградна структура што дејствува против стратегиските интереси на граѓаните и државата.

Можно ли е жестоката конфронтација на отворена сцена со социјалдемократите да ѝ донесе одреден партиски бенефит на Левица или, пак, да „ќарат“ некој глас повеќе од десниот политички спектар, со оглед на експлицитниот став за бојкот, додека ВМРО-ДПМНЕ до последен момент калкулираше. Истото прашање во политичките кругови се поставува и за партијата која, без оглед на различниот идеолошки предзнак калкулантски се здружи против „капитулантскиот договор“ – Единствена Македонија на Јанко Бачев.

„Левица дефинитивно доби на публицитет. Неформалниот лидер Димитар Апасиев, со оглед на тоа што таа функционира како колективно претседателство, медиумски силно се промовираше“, вели Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања.

Можно е, според него, партијата да одземе дел од гласовите на СДСМ и неговата коалиција, со оглед дека, како што додава, и кај социјалдемократите има избирачи што се против договорот со Грција, а дел од нив би ги казниле од лукративни причини – разочарани што не добиле работа или некаква функција. Но не верува дека тоа може да го направи и од ВМРО-ДПМНЕ.

„Без оглед на нивното политичко дејствување во последниот период, кое несомнено им одговараше на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и поради кое добија критики дека на политичкиот свиок свртеле кон десно, сепак, тие имаат друг корпус на политики кои не се вклопуваат во матрицата на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ“, објаснува Божиновски.

Македонија, генерално, има негативно искуство со формирањето на нови партии. Тие, според Божиновски, доживуваат одреден блицкрик, како партијата на Тито Петковски НСДП и ДА на Васил Тупурковски, па потоа, вели тој, се претопуваат или целосно исчезнуваат.

На последните избори Левица, која декларативно е против НАТО, но за ЕУ, освои 12.000 гласа. Учествуваше во гласањето во пет изборни единици, освен во шестата, иако внатрепартиските анализи, според одредени информации, тогаш покажале дека во тој регион солидно котираат.

Неодамна група основачи на Левица поднесе кривична пријава кон актуелното раководство, поради, како што велат, фалсификување документи и злоупотребување на партијата за заштита на сопствената раководна позиција и личните интереси. Од раководството на партијата ги демантираа ваквите тврдења нагласувајќи дека станува збор за мала група незадоволници кои, како што велат, се исклучени од партијата пред две години поради внатрепартиско роварење и тајна соработка со СДСМ.

„Очекувам да освојат поголем број гласови во однос на последните парламентарни избори. Не ја исклучувам можноста и да дојдат до еден или двајца пратеници. Но тоа е тешко во моментов да се предвиди, особено ако имаме брзи вонредни избори, за кои сметам дека се апсолутно непотребни“, вели Божиновски.

Тој не очекува посериозни поместувања ниту во десниот политички спектар. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, вели, како субјекти со најразвиена партиска инфраструктура, сè уште се неприкосновени на политичката сцена.

Неколку партии и здруженија се обединија во бојкотот против референдумот обвинувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ за нивното тактизирање до последен момент.

„Нивниот глас не беше доволно артикулиран. Тие реално не се политичка сила која би можела да ѝ нанесе каква било штета на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Божиновски.

Единствена Македонија, партијата на Јанко Бачев, која исто така беше проактивна во крилото на бојкотирачите, пред неколку дена го исклучи од партијата Стефан Влахов Мицов обвинувајќи го за шпионажа и за проневера и крадење пари за референдумската кампања, наводно, пуштени од бизнисмени од Австралија.

„Тој внатрепартиски судир покажа како стојат реално работите. Партијата на Јанко Бачев, Единствена Македонија, се прокламира како проруска партија, наспроти огромната поддршка на граѓаните за ЕУ и НАТО. Објективно тоа не е партија која би можела да освои некаков значителен број гласови“, смета Божиновски.

Според него, интересно ќе биде да се види како ќе се постават членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа на референдумското гласање и гласаа или „за“ или „против“, иако смета дека поголемиот дел од нив ќе се вратат во „старото јато“ со оглед, како што вели, на многуте афери кои во моментов ја компромитираат владејачката гарнитура.

Наум Котевски