Лажен Твитер профил на претседателот Иванов шири лажни вести


Лажен профил со име и фотографија од претседателот Ѓорге Иванов на социјалната мрежа Твитер шири лажни вести. Оној кој стои позади профилот се потрудил да изгледа веродостојно, но од Кабинетот на претседателот за Независен весник, потврдија дека тој нема профил на оваа социјална мрежа.

„Станува збор за лажен профил, претседателот нема ништо со тоа. Случајот ќе биде пријавен до надлежните служби во Министерството за внатрешни работи“, велат за Независен весник од Кабинетот на претседателот Иванов.

Профилот е отворен пред неколку дена, а на 13 ноември првиот твит кој е споделен е „Добредојде“, (Welcome!). Неколку дена подоцна напишал „Ова е мојот официјален акаунт“.

На профилот има и други соопштувања, како тоа дека претседателот и неговата сопруга се во посета на Јордан. Оваа информација е точна, а од лажниот профил на Иванов е превземена од официјален налог на Кралството Јордан. Ова може да ги доведе до заблуда корисниците на Твитер, дека навистина станува збор за профил на претседателот. Следуваат уште неколку твитови од посетата на претседателот во Јордан.

Оној кој стои позади овој профил, ја линкувал и официјалната вебстраница на претседателот на Македонија, за да биде уште поубедлив дека станува збор за Ѓорге Иванов.

Денеска на овој лажен налог беше споделена лажна информација дека до Иванов стигнало известување дека Никола Груевски починал.

„Ургентно. Претседателството на Република Македонија ја прими веста за ненадејната смрт на поранешниот премиер Никола Груевски. Нема детали. Официјално соопштение да биде објавено наскоро,“ пишува лажниот профил.

Овие неколку деонови откако е активен овој профил на Твитер, постојано заследува официјални лица, претставници на меѓународна заедница, како и домашни и странски медиуми.
Загрижувачки е тоа што, многумина може да поверуваат дека станува збор за профил на претседателот Иванов и да бидат жртви на лажно информирање и пропаганда за засега непознати цели.

Првата „жртва“ на овој профил е Амбасадорот на Албанија во Македонија, Фатос Река, кој ретвитува статуси од овој профил. (И.Н.)