Култура признава една грешка: Ќе има пари за „Златно славејче“


Комисијата за фолклор, музичко-сценска дејност утврдила дека направила пропуст со апликацијата за детскиот фестивал „Златно Славејче“. Како што информираше претседателот на комисијата Плеурат Гаши, пропустот го лоцирале откако им беше наложено уште еднаш да ги проверат одбиените проекти. Првично, комисијата утврдила дека апликантот нема потврда за простор каде ќе се одржи фестивалот, но по вчерашната проверка утврдиле дека таков документ бил уредно доставен.
Комисијата разгледала околу стотина апликации, меѓу кои и на Скопски џез-фестивал, „Оффест“, „Авалон продукција“, фестивалот „Пеце Атанасовски“. Но таму повторно констатирала дека нема целосна документација. Гаши најави дека, доколку министерот Асаф Адеми одлучи да даде дополнителен период за да се комплетираат документациите на овие апликанти, комисијата е подготвена повторно да ги разгледа предметите.
Во драмската дејност, по разгледувањето на сите 96 одбиени апликации, констатирале дека не направиле пропуст и во овој дел нема промена на мислењето.
Во отсуство на претседателот на драмската комисија Перо Арсовски, одлуките ги соопшти членот на комисијата Исмет Рамадани.
По разгледувањето, тие едногласно одлучиле дека нема пропусти при одобрувањето на проекти и листата нема да се дополнува.
Актерот Оливер Митковски, како член на оваа комисија, доставил издвоено мислење по првичните одлуки, но Рамадани посочи дека во понеделникот во меѓусебната комуникација Митковски се согласил со повторената одлука на комисијата.
Медина Хоџа, која е член на Комисијата за визуелна уметност, архитектура и дизајн, информираше дека и кај нив нема да има дополнувања на листата по повторното разгледување на одбиените предмети.
До крајот на неделата се очекува и останатите комисии да се произнесат, а се очекува и да се случи средба меѓу министерот за култура Асаф Адеми и премиерот Зоран Заев.
Дел од уметниците бараат целосна ревизија на годишната програма, а не само на одбиените проекти.
Откако апликантите ќе добијат решенија со известување со одлуките за субвенционирање на проекти од национален интерес, имаат рок од 15 работни дена да поднесат приговори и жалби.
Секоја комисијата по дејности има предвидено по 10 отсто од буџетот кои ќе се користат доколку се променат дел од одлуките по процесираните жалби.

Ивана Настеска