Крис Јегер, дизајнер на светло во претставата „Галеб“: За мене музиката е боја


 

Англискиот дизајнер на светло, Крис Јегер, вторпат работи на претстава во продукција на Македонскиот народен театар. По соработката со Александар Морфов во претставата „Ничија земја“ во 2017 година, повторно дојде во Македонија да го подготви дизајнот на светлото во претставата „Галеб“ од Чехов во режија на Нина Николиќ. Премиерата на претставата е најавена за 18 декември на големата сцена во МНТ.

Крис Јегер веќе 36 години се занимава со дизајн на светло. Дипломирал на Лондонската академија за музика и драмска уметност (ЛАМДА) во 1981 година и досега остварил соработка со многу театри, креирајќи го осветлувањето на огромен број врвни танцувачки, оперски, музички и драмски претстави. Голем дел од продукциите на кои работел гостувале во театрите низ Велика Британија и Европа.

Од каде се појави предизвикот да работите како дизајнер на светло и што за вас значеше студирањето на ЛАМДА?

-Отсекогаш сакав да работам во областа на драмската уметност. Бидејќи потекнувам од околината на Лондон, единствениот начин да влезам во кругот на луѓето што се занимаваат со театар во Лондон беше да студирам на ЛАМДА (Лондонска академија за музичка и драмска уметност). Од повеќето театарски академии во тој период ЛАМДА ми ги понуди најдобрите опции за студирање и, искрено, се запишав на драмска академија затоа што сакав да станам театарски режисер.

По завршувањето на студиите повеќе бев заинтересиран да работам како режисер, но тоа беа тешки времиња и во период кога останав без пари еден мој пријател ме праша колку сум запознаен со дизајнирањето на светло. Почнав како осветлител кој ги поместува рефлекторите лево-десно или ги фокусира кон сцената на барање на дизајнерите на светло во претставите. Гледајќи како работат дизајнерите на светло осознав дека и тие се однесуваат како режисери, односно раскажуваат приказни користејќи го светлото, како што режисерот ги користи зборовите на актерите, а кореографот го користи танцот. Сите тие раскажуваат некаква приказна. Така дизајнирањето на светлото ми стана многу интересно.

Среќата така сакаше што еден мој пријател, кој работеше како електричар во еден театар, ја скрши ногата и ме замоли да го менувам на работа додека тој лежи во болница. Во театарот настапуваше танцувачка компанија во која се случи осветлителот да се испокара со еден од танчерите и да се откаже од работата. Гледајќи ме мене, продукцискиот менаџер на компанијата ме праша дали би можел да ја прифатам работата на осветлителот. Така се најдов себеси како почнувам да работам со местење на светлото во малата танцувачка компанија „Лондон сити балет“. Бидејќи компанијата цело време беше на турнеја низ различни градови почнав многу брзо да учам како се мести светлото во различни услови, на различни сцени, во различни театри. Така станав дизајнер на светло. Почнав некаде во 1981 година и досега сум работел во многу театри, градови и држави.

Како успеавте да изградите свој стил и сопствена дефиниција за тоа што е уметноста во дизајнирањето на светлото?

-Мојот стил на работа е базиран на сликарството од времето на импресионизмот, како сликите на Сезан или Реноар, на пример. Ги проучував сликарските дела од тој период и така го создадов својот стил за дизајнирање на светлото. Прилично сум мек во изразот на светлото, не користам тешки и силни светла. Тоа веројатно е така затоа што често работев во компании кои продуцираа опери, мјузикли и балети. Затоа импресионистичкиот стил најмногу ми одговараше. Не би можел да издвојам некоја од уметностите или претставите, но главно работата на мјузикли е многу комплексна и интензивна, а работата на опера е многу класична. Во таква ситуација за мене музиката е боја. Кога ќе слушнам музика во моите мисли се појавуваат сцени во боја. Во драмските текстови зборовите на актерите ми откриваат приказни кои ги гледам низ светла и сенки. Така го дефинирам мојот стил на дизајнирање на светлото.

Најлесно тоа можам да го објаснам со примерот на филмската камера. Јас сум камерата која гледа кон сцената и која го гледа актерот. Некогаш камерата е статична, а некогаш се движи околу актерот. Бидејќи публиката не може да се движи околу актерот, тоа го правам со фокусирање на светлото кон актерот со цел да ја приближам кон него, со што ја поведувам на светлосно патување кое го портретира амбиентот во претставата.

Во колкава мера вашата работа зависи од техниката и технологијата што се користи во осветлувањето на одредена претстава? Или, со колку светла можете да создадете приказна?

-Доволни ми се три светла за да создадам слика. Мојата филозофија е дека помалку е повеќе. Не сакам масивно и силно осветлување. Ја сакам едноставноста во работата и не користам премногу техника за да го добијам ефектот што ми е потребен. Помалку е повеќе и секогаш размислувам во тој правец. Не секогаш ви е потребна технологијата, бидејќи некогаш се доволни три, дури и две светла, но важно е како ги употребувате и како ги балансирате за да го добиете посакуваниот ефект. Од друга страна, технологијата бара работа со голем тим и често се случува додека ја проучувате технологијата да немате време да бидете креативни. Кога доаѓате на претстава, не доаѓате да го гледате светлото, туку да видите приказна. Ако е употребено премногу светло нема да можете да ја видите приказната. Затоа е важно да се знае дека работите на креација на тридимензионална приказна во која осветлувањето треба да биде дел од приказната.

Вторпат работите во Македонскиот народен театар. Претходно работевте како дизајнер на светлото во претставата „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов. Како се случи таа соработка?

-Процесот околу поставувањето на претставата „Ничија земја“ претходно беше почнат во Букурешт. Морфов сакаше да направи сценска верзија на текстот на Данис Тановиќ и истиот беше преведен на бугарски и на романски јазик. Со Морфов сум работел на повеќе претстави, како „Бура“ и „Посета на старата дама“ во Букурешт, и многу ја сакам соработката со него, бидејќи е одличен режисер. Ја поставивме „Ничија земја“ во Букурешт и претставата имаше огромен успех. Потоа Морфов ми кажа дека претставата ќе ја поставиме и во Скопје, Македонија. За да видам каде ќе одиме морав да погледнам на мапа и ме израдува тоа што ќе откријам нова земја и ќе запознаам нови луѓе. Навистина бев импресиониран од театарот во Скопје и особено ми беше мило што запознав екипа на луѓе кои функционираат како семејство во театарот. Практично, работата на проектот беше како да сум дел од тоа семејство. Затоа ми е драго што и оваа година бев поканет да работам МНТ, овојпат на претставата „Галеб“.

Како течеше процесот на подготовка на оваа претстава?

-Претставата „Галеб“ е прилично комплицирана, бидејќи има многу текст и разбирливоста на текстот треба да се рефлектира низ прецизноста на светлото. Не можете само да ги вклучите рефлекторите, туку треба да создадете атмосфера, расположение, да ставите фокус и да ја повлечете публиката да го следи дејството во приказната. Затоа треба да има промени во осветлувањето со преминот од еден во друг чин. Создадовме различни светлосни зони на сцената, светлото се појавува и се губи, кога различни ликови влегуваат во иста сцена го поместуваме фокусот, некогаш ги вкрстуваме светлата. Покрај сите овие промени крајната идеја е да не се забележи движење на светлото, туку потсвесно да ја поведеме публиката на патување околу приказната во претставата. Тонот на светлото е многу мек и се создава амбиент на доцно лето, кога сонцето веќе не е толку силно, а почнува по малку и да студи.

Кои се вашите совети за луѓето кои сакаат да работат во областа на дизајнот на светлото во театарски претстави?

-Сметам дека драмските факултети и универзитети во Македонија треба да имаат посебен оддел за дизајн на светло. Технологијата многу брзо оди напред. Забележав дека во Македонскиот народен театар има одлична светлосна опрема и треба да обучите млади луѓе кои во иднина ќе работат со таа технологија. Концептот за дизајнирање светло треба да биде адресиран до оние што сакаат да работат во оваа област, бидејќи дизајнот на светлото е составен дел од целината на професии вклучени во подготовката на една театарска претстава. Театарот е илузија и секогаш треба да знаете како се прават нештата.

Во однос на дизајнот на светло би кажал дека не се учи по формула, туку е базиран на многу комуникација, разбирање на уметноста и лично чувствување на амбиентот. Тоа што можете да го направите за луѓето што сакаат да работат во оваа област е да им ги покажете основните принципи на оваа работа, да ги охрабрите и да им го дадете вистински правец за да можат да се развиваат во работата со други дизајнери и низ сопствените искуства. Како што се избираат актери за одредена улога, така се избираат и дизајнерите на светло врз основа на нивниот стил за компонирање на светлото. Притоа, не можете некого да го научите како да нацрта цртеж. Или ќе го нацрта или не, но ако забележите дека некој има таков талент, тогаш треба да му го покажете патот по кој ќе може да продолжи да се развива. Јас сѐ уште учам за работата во оваа професија, бидејќи соработката со различни режисери секогаш отвора можност за стекнување нови знаења и искуства. Дури и во работата на „Галеб“ научив многу нови работи. (К.Р.)