Кривичниот суд работи на расчистување на настаните од 27 април


Во Кривичниот суд вчера почна судењето за нападот врз пратеникот Зијадин Села во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година. Обвинителството, пак, побара, а судот ја замени мерката притвор со куќен притвор за оперскиот пејач Игор Дурловски и за Елена Доцевска-Божиновска, вработена во Собранието на Република Македонија, а куќниот притвор на пратеничката Жаклина Пешевска со мерки на претпазливост.

На првото рочиште за случајот за претепувањето на пратеникот Села, сите десетмина обвинети се изјаснија како невини, а лидерот на Алијансата на Албанците не се појави. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но оти не се чувствуваат виновни и дека тоа ќе го докажат во натамошната постапка. Според обвинителството, пак, единствена околност што го спасила Села е тоа што тој веќе не давал знаци на живот.

За настаните во Собранието од 27 април минатата година веќе се изречени судски пресуди за два предмета. Во првиот, девет лица учесници во насилства добија условни казни, а во вториот случај Панче Ангелов, напаѓачот на Радмила Шекеринска доби казна затвор од четири години. Во тек е истражна постапка и за предметот што го отвори Јавното обвинителство за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ за што се осомничени 36 лица. За дел од нив, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ги прифати барањата на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и на пратеничката Пешевска и го укина куќниот притвор и и определи мерки за претпазливост, додека на Дуловски и Доцевска-Божиновска притворот им го замени со куќен притвор.

Во Кривичниот суд веќе се работи и по Законот за амнестија. Пристигнати се првите 100 барања, а претседателот на Основниот суд Скопје, Иван Џолев очекува да пристигнат околу 1.500 барања за амнестија, од кои 500 за целосно ослободување на осудени лица, а останатите 1.000 за делумна амнестија. Формирани се повеќе кривични совети кои ќе одлучуваат по барањата за амнестија.