Кривичен се уште не го оценил обвинението за „Талир“


Обвинението за случајот „Талир“, за незаконското финансирање на ВМРО – ДПМНЕ, се уште не е оценето, соопштуваат од Кривичниот суд. Советот за оценка на обвинителниот акт пред празниците одржал јавна седница во присуство на странките, но Советот се уште не донел решение за оценка на обвинителните акти.

Дел од медиумите повикувајќи сена неофицијални информации објавија дека обвинението е позитивно оценето и дека набргу треба да биде закажано првото рочиште за овој случај во кој се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со оглед да за истиот предмет против еден  обвинет, врз основа на признани на вина, веќе е донесена пресуда, не треба да се извлекува заклучок дека се оценети и обвинителните акти.
Како и за сите други предмети кои се во интерес на јавноста, Основниот суд Скопје 1 – Скопје, навремено ќе ги извести странките и јавноста за решението на Советото на оценка на обвинителн акт за конкретниот предмет, кога истото ќе биде изготвено“, се вели во соопштението од Кривичен суд.

Специјалното јавно обвинителство на крајот на ноември покрена две обвиненија за случајот „Талир“, за незаконско финансирање на партијата и за незаконска изградба на новата зграда на партијата. Според СЈО, поранешниот премиер Никола Груевски го диригирал незаконското однесување, а му помагале Кирил Божиновски, Миле Јанакиески (тројцата се товарат за злоупотреба на службената положба и перење), Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска (се товарат за перење пари).

„Обвинетиот Никола Груевски во периодот од 2009 година до 2015 година, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за ВМРО-ДПМНЕ. Во овие свои активности бил помогнат од Божиновски и Јанакиески кои вршеле притисок на претставници на фирмите кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или општини за да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на партијата. Вака обезбедените пари, Груевски не ги упатил во буџетот на државата, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за ВМРО ДПМНЕ во износ од 4.608.661 евра. Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, Груевски и Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и Јанакиески и Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците“, тврдат во СЈО.

Откако парите легнале на сметката, Димовски, Чингаровска, Ристоски и Јанакиески, како овластени потписници на сметката, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот. За Груевски е побаран притвор, а на Чингаровска ѝ е одземен пасошот.

„Обвинението за изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против Груевски и Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба, овозможиле ‘ДГ Бетон АД Скопје’ да го изгради седиштето на партијата, иако фирмата во тоа време имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи. За реализирање на оваа цел, обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓала фирмата во однос на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека над 75 проценти од приходите кои ги остварило во 2011 и 2012 година биле од државни органи. И покрај тоа што за фирмата важеле ограничувањата од Законот за финансирање на политички партии, обвинетите договориле несразмерна корист за ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските кои ги имал ‘Бетон’, овозможувајќи му да го изгради седиштето на партијата вредно 6,9 милиони евра. Покрај тоа, на жиро-сметката било побарано да уплати уште 2.155.668 евра, иако вложувањето на ВМРО-ДПМНЕ било само 815.323 евра“, се вели во соопштението на СЈО.

На барање на СЈО, скопскиот Кривичен суд го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ откако лидерот Христијан Мицкоски најави дека планира да го продаде или издава ракошното партиско седиште. Од „белиот дворец“ најавија дека правдата ќе ја бараат и во Стразбур. Седиштето и 68 штаба колку што поседува најголемата опозициска партија, се проценети на десет милиони евра.

Палатата „Христо Татарчев“ ја изгради „Бетон“, откако партијата го препушти земјиштето во самиот центар на Скопје. „Бетон“, како што беше објавено тогаш, се обврза да го изгради објектот и дел од него да ѝ припадне на ВМРО-ДПМНЕ, а другиот дел требаше да биде хотел.

По бегството на Груевски, двајца од обвинетите, Божиновски и Јанакиески завршија во притвор, а пред новогодишните празници мерката притвор им беше заменета со куќен притвор.