Кривичен бара Собранието да го толкува спорниот член на СЈО


Кривичниот суд ќе побара републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да се изјасни за тоа кое обвинителство треба да ги води оспорените предмети на Специјалното јавно обвинителство и ќе побара автентично толкување од Собранието на членот 22 од законот за Специјалното јавно обвинителство.

По неколку дена молк, судиите од Кривичниот суд се состанаа и изградија став за правното мислење на Врховниот суд кој ги оспори истрагите и обвиненијата кои ги покрена СЈО по 30 јуни 2017 година и препорача овие предмети да ги преземе редовното обвинителство. Иако се очекуваше со ставот на Кривичниот суд да заврши неизвесноста како ќе продолжат овие истраги, сепак правната сапуница со спорниот член на СЈО продолжува.

Од Кривичниот суд за „Независен“ брифираат дека според Законот за кривична постапка овластен тужител може да биде само обвинителството или приватен тужител, па Јовески треба да се произнесе кој е овластен тужител, обвинителството за гонење на организиран криминал или Специјалното јавно обвинителство. Од Собранието пак ќе се бара да даде автентично толкување бидејќи само законодавецот може да даде такво толкување на законските одредби. Правосудните органи се само надлежни да ги применуваат одредбите, а не да ги толкуваат, освен ако има различна примена, велат од Кривичен.

Во меѓувреме, предметите кои се преземени по истекот на рокот ќе продолжат во Кривичен ако се итни и не трпат одложување, а за тоа проценка ќе направат судечките совети. Со овој став на Кривичен останува неизвесно што ќе се случува со околу дваесетина предмети на Специјалното јавно обвинителство во кои се обвинети високи функционери, за тоа сега ќе решаваат Јовески и Собранието. (Ф.Ф.С.)