Кој ќе решава за одземање на имунитетот на пратениците


Павле Богоевски, пратеникот од коалицијата на СДСМ, кој беше меѓу најповредените за време на настаните на 27 април, ќе треба да свика седница на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, доколку судија на претходна постапка побара одземање на имунитетот на пратениците кои се приведени денеска или по кои се трага во врска со „црниот четврток“ во парламентот.

Богоевски е претседател на Комисијата која одлучува во однос на имунитетот на пратениците, доколку тоа, како што е предвидено со собранискиот Деловник, го побара надлежен орган – во допис што ќе го испрати до претседателот на Собранието. Во Комијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања членови од ВМРО-ДПМНЕ се Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски, кои се опфатени со денешната акција на полицијата, по налог на обвинителството. Последните информации се дека со оваа акција досега се опфатени најмалку петмина пратеници.

Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања има претседател и осум членови и сите тие имаат заменици од своите пратенички групи. ВМРО-ДПМНЕ има четворица членови. Покрај Мукоски и Тарчуловски, членови од ВМРО-ДПМНЕ се и Трајко Вељаноски и Борис Змејковски. Пратеничката група на СДСМ е застапена со тројца членови во оваа Комисија, додека останатите двајца членови  се од ДУИ и од Српската странка на Македонија, која е во коалиција со социјалдемократите.

Последна инстанца за одземање на имунитетот на пратеник е собранискиот пленум, кој одлучува врз основа на извештајот на деловничката Комисија.

(A.M.M.)