Кој ќе го чисти Клинички центар: Службата во долгови, директорката на одмор


Клинички центар повторно се дави во ѓубре бидејќи викенд акциите не се доволни, а трајно решение досега не се најде, иако проблемот постои повеќе од три месеци.

Министерството за здравство неодамна го поништи тендерот за избор на фирма која ќе ја одржува хигиената во Клинички центар, со објаснување дека ингеренциите се вратени на јавната установа од областа на здравството за потребите на скопските клиники и дека таа треба да распише тендер за избор на фирма која ќе се грижи за хигиената. Шкодране Дардишта, директорка на оваа служба, е надвор од државата и не одговара на прашања, иако пред извесно време најави дека додека се подготвува тендерот, секој викенд ќе има aкции за чистење.

– На одмор сум. Не давам изјави по телефон. Барајте ме од понеделник – ни рече Дардишта, која веќе десетина години е на чело на службата.
Викендот што помина никој не го чистел ѓубрето од дворот на клиниките. Кантите се полни, отпадоци се расфрлани околу нив, се прават мали мини депонии пред интерните клиники, пред Клиниката за детски болести, на местата каде што седат пациентите. Состојбата е влошена откако истекол договорот со приватната компанија која ги одржувала надворешните површини.

Претходно, неколку пати се организираа акции во кои се вклучија јавните комунални претпријатија од Скопје и локалната самоуправа. Абдусамет Шабани, директор на ЈП „Комунална хигиена“, вели дека бесплатната помош од „Комунална хигиена“ не може да трае во недоглед. Тој нагласува дека службата им должи над 30 милиони денари, долг трупан со години.

– Тоа беа неколку акции во кои ние излеговме во пресрет поради интересот на пациентите. За половина година, барем по двапати месечно праќавме луѓе да чистат. Но, ние немаме капацитет тоа да го правиме, ниту сме надлежни да чистиме внатре во Клинички центар. До кога ќе можеме да издржиме? Одговорноста не е наша, туку е на Министерството за здравство и на конкретната служба – изјави Шабани.

Пред околу еден месец, министерот Филипче рече дека службата на Kлинички центар нема капацитет да ги преземе сервисите за чистење на скопските клиники, како ни паркингот. Тогаш нагласи дека поважно е да ѝ се решат долговите. Службата им должи на јавни претпријатија, на надворешни добавувачи, а колкав е вкупниот долг, никој досега не кажа.

Завчера, по своја иницијатива, ѓубрето го чистеле средношколци од Холандија, кои биле ангажирани да ги украсуваат ѕидовите во Детска клиника.

С.С.З.