Кој ќе го замени Трајановски во ЗЕЛС


Заедницата на единиците на локалната самоуправа во Македонија (ЗЕЛС) ќе добие сосема ново раководство наскоро, како резултат на промените во општините по неодамнешните локални избори.

Конститутивната седница на Генералното собрание на ЗЕЛС ќе се одржи на 29 ноември во хотелот „Александар Палас“.

Генералното собрание е највисокото тело и избира членови на Управниот одбор, кој, пак, го избира претседателот на ЗЕЛС. Генералното собрание на ЗЕЛС го сочинуваат вкупно 90 делегати. Градоначалниците по функција се делегати на Генералното собрание, а претседателите на општинските совети се нивни заменици. Делегати на Генерално собрание се и девет членови од редот на членовите на Комитетот на советите.

Во случај на спреченост на делегатот, односно заменикот на делегатот да присуствува на седницата на Генералното собрание, делегатот може да овласти член на Советот на општината да го менува на седницата, со сите права и обврски на делегат.

Досега претседател на ЗЕЛС беше доскорешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, а потпретседатели беа досегашните градоначалници на Куманово и на Гостивар Зоран Дамјановски и Невзат Бејта. Ниту еден од нив не е веќе градоначалник, така што новото раководство на ЗЕЛС ќе биде составено од новоизбраните градоначалници на неодамнешните локални избори.