Кој ќе влезе ако „Алијансата“ излезе од Владата


Се комплицираат односите меѓу партиите од коалицијата на „Илинденска“, така што останува неизвесно кога ќе се пополнат испразнетите места во Владата, посебно Министерството за здравство.
Премиерот Зоран Заев вчера навести дека проблем е обезбедувањето парламентарно мнозинство за да се изгласа новиот министер, поради повлекувањето на два пратеника што ќе треба да го потврди ДИК, која пак е инволвирана во сопствена политичка драма, но сепак може да го стори тоа пред да се распушти. Дали министер ќе биде кандидатот на Зијадин Села е друго прашање. Од владини кругови се навестува дека речиси сигурно Алијансата за Албанците нема да биде дел од владиниот кабинет бидејќи ДУИ не ја сака внатре. Претходно Заев не изнесе информации дали воопшто се одржал состанокот со коалициските партнери што тој го најави од Косово без присуство на лидерот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, бидејќи тој веќе подолго време е надвор од државата.
Села од Вашингтон испрати порака со остри критики до досегашните коалициски партнери – Заев и Али Ахмети, лидерот на ДУИ, што се толкува во политички кругови како уште една потврда дека „Алијансата за Албанците“ нема да биде веќе дел од владината коалицијата. Наспроти последната изјава на Села дека „Алијансата за Албанците“ инсистира да го задржи министерското место во здравство, владејачка партија е решена да го преземе овој ресор. За тоа место, како што објавивме, фаворит на социјалдемократите е неврохирургот Венко Филипче, советник за здравство во кабинетот на премиерот.
– Знаете дека има испразнети пратенички места кои треба да бидат пополнети од ДИК. ДИК е во оставка, но треба да продолжи да работи додека Собранието не ги констатира оставките. Сите овие работи треба да бидат комплетирани за да можеме формално-правно да ги спроведеме процедурите, вклучително и за комплетирање на Владата – изјави вчера Заев.
Тој најави и дијалог со опозицијата за избор на новиот состав на ДИК, за што е потребно двотретинско мнозинство.
Нетрпеливоста меѓу партнерите во владејачката коалиција посебно се зголеми за време на локалните избори, со оглед на конкурентската битка меѓу „Алијансата за Албанците“ и ДУИ во неколку општини, во ситуација кога Заев и Ахмети имаа договор за предизборно коалицирање. Позицијата на таборот на Села во рамки на парламентарното мнозинство е доведена во прашање и поради наводите за улогата на пратеникот Весел Мемеди за време на настаните во парламентот на 27 април. „Алијансата за Албанците“, која настапи како коалиција на изборите во 2016 година, има тројца пратеници, со тоа што Мемеди е претставник на НДП, а не на партијата на Села.
Ако дефинитивно Села биде принуден да излезе од коалицијата, сегашното парламентарното мнозинство би „паднало“ на бројка од 59 пратеници, односно на двајца помалку од потребните минимум 61 глас за поддршка на Владата. Проценките се дека евентуалното излегување на „Алијансата“ од коалицијата би се „бајпасирало“ со пратеникот Чедомир Сазовски, кој излезе од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како и со двајцата пратеници на ДПА. Другата варијанта е Села и евентуално Беса да му дадат поддршка на кабинетот на Заев, по принципот „малцинска влада“, без да учествуваат во првиот владин ешалон. (А.М.М)