Која е Мира Стојчевска: Ретко се јавува за збор, се прослави со дизелот и патарините


Скандалите со државни вработувања на членови на семејствата на функционери од владејачките партии не запреа ниту вчера. Повторно во центарот на вниманието е пратеничката од СДСМ, Мира Стојчевска, која, по вработувањето на синот и на братот во ЕЛЕМ, беше „обвинета“ за нов случај на непотизам, затоа што нејзиниот сопруг е назначен во в.д. командир на Шумската полиција во Делчево.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство демантираат дека станува збор за унапредување. Објаснуваат дека  Ило Стојчевски, кој две децении е вработен како заменик – командир во Шумската полициска станица во Делчево, без никаков финансиски надомест времено ќе ја извршува задачата на претходниот командир Дарко Тасевски, кој си дал оставка.

„Бидејќи нема друго лице вработено во ШПС Делчево со високо образование – Шумарски факултет, вработениот Ило Стојчевски е овластен да ја води станицата, бидејќи законски за застапување и поднесување на пријави во судовите, вработените треба да имаат високо образование“, нагласуваат од надлежното министерство.

И генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, мораше да се правда пред медиумите дека не му фаќал врски на неговиот дедо (татко на сопругата), кој добил работа во Фабриката за опрема и делови во Новаци која е во сопственост на ЕЛЕМ.

Низата афери што изминатите денови успеаја да ја засенат и добиената влезница за членство во НАТО и сериозно да го разнишаат рејтингот на владејачката коалиција, беа повод за повеќечасовна дискусија на седницата на извршниот комитет на СДСМ, кој се одржа во вторникот вечерта. Според информациите на „Независен весник“, констатирано било дека ваквите вработувања го предизвикале гневот кај граѓаните, но и кај поддржувачите на партијата, поради што претседателот Зоран Заев побарал под итно да престане непотизмот и вработувањето на своите блиски. Како пример биле посочени неколку претставници на извршната власт, кои протнувале вработувања за неколку члена на своето семејство.

„Ќе направиме анализа, ќе ги видиме постапките и секаде каде што има привилегии, протекции или какво било влијание, ќе бараме повлекување. Веројатно имаме и слабости при нашето функционирање и затоа ќе побараме одговорност ако некаде тоа вработување е направено на несоодветен и незаконски начин. Не е доволно само да се повлече или раскине договор ако било прекршено некое законско правило, туку тој што го прекршил законот – да одговара како што е пропишано“, најави претседателот на СДСМ.

Одговорност јавно побара и министерката за правда, Рената Дескоска.

„За вработувањата во ЕЛЕМ, МЕПСО и други мојот став е дека треба да се испитаат сите поединечно. Секој случај, без исклучок. Да се испита кој од кандидатите бил неспоредливо подобар од другите, кој влегол на наместен конкурс, кој поседува посебна експертиза, а кој е просечен, без никаква посебна професионална предност и кон нив е оправдан гневот! ДКСК има обврска тоа да го утврди! А оние што го прекршиле законот вршејќи незаконско влијание при вработување на свои блиски, како и оние што вработувале заради тоа влијание – треба да понесат одговорност“, рече Дескоска.

Јавноста, пак, сè уште е во чудо која е Мира Стојчевска и од каде има толку силно влијание да го згрижи семејството на државни јасли и со што го има задолжено раководството да ги трпи сите нејзини скандали?

Извори од „Бихаќска“ велат дека пратеничката со ништо не отскокнува во своето работење и дејствување. Напротив, многу ретко се јавува за збор во парламентот, иако главно е редовна на седниците. Ова ѝ е втор мандат како пратеник, првиот ѝ беше во периодот од 2014 до 2016 година.

„Родена е во Битола, но како пратеник беше избрана од третата изборна единица бидејќи живее во Делчево. Беше на добитното шесто место“, коментираат во партијата.

Јавноста ја памети по три ситуации. Прекарот Мира Дизел го заработи лани кога од собраниската говорница рече дека покачувањето на акцизата на дизелот нема да ги погоди сиромашните граѓани бидејќи 60 отсто од сиромашните домаќинства во Македонија немаат автомобил. На удар на јавноста беше и кога се откри дека во првите девет месеци од годината наплатила 11.736 евра за патни трошоци. Се памети и драматичното спасување на нејзиниот живот при крвавиот напад во Собранието на 27 април.

Важи за исклучително послушен пратеник, која го прави тоа што ќе биде побарано од неа. Родена е во Битола во 1966 година, по професија е шумарски инженер.

Горан Адамовски