Коѕиас: Договорот е патриотски компромис


 

Атина –  Договорот за името е патриотски и ни помага да ги концентрираме силите таму каде што има проблем, рече шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, за време на расправата за гласање недоверба на владата во парламентот во Атина.

Коѕиас објасни дека е направен  компромис,  бидејќи „само ако победиш во војна, тогаш има договор без компромис“.

Во однос на декласифицираните документи од грчкото МНР, Коѕиас рече дека добил дозвола да бидат искористени. Тој ги анализираше понудените предлози на Нимиц (Вардарска Македонија, Горна Македонија, Македонија – Скопје, Северна Македонија) и рече дека сите имиња освен Северна Македонија, биле отфрлени од грчките влади во минатото.

Во однос на договореното име, шефот на грчката дипломатија рече дека во минатото токму за овој предлог владите коментирале дека е предлог за кој вреди да се разговара и преговара и се осврна на периодот во 2009 година.

Константинос Мицотакис рекол дека ова име може да е исходот што се бара, а министерка за надворешни работи во 2009 Дора Бакојани, во одговор до Нимиц, според Коѕиас, рекла дека „секако вреди да продолжат преговорите за ова име“.

Шефот на грчката дипломатија го повтори ставот на владата дека најголемите опозициски партии и во двете земји имаат идентични позиции, и едните и другите ги обвинуваат владите дека дале сѐ во преговорите.