Коѕијас: Деновиве големо “ДА“ или големо “НЕ“ за името


Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во вечерашното интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, изрази убеденост и надеж дека во наредните денови може да дојде до решение на прашањето за името.

На прашањето зошто и натаму се одложува телефонскиот разговор меѓу премиерите на Македонија, Зоран Заев и Грција, Алексис Ципрас , Коѕијас изјави дека по рамката за договор што беше утврдена на неговите средби со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров во Њујорк и Брисел, “сега дојде време да се каже големото   “да“ или големото “не“.

“Очигледно владата на соседната земја се соочи со некои тешкотии и размислува за  некои ревизии на договорот, но верувам и се надевам дека за неколку дена се ќе се надмине“, рече Коѕијас. Тој додаде оти се додека нема потписи на договорот, никој не може да каже дека се е готово.

Запрашан за коментар за информациите во медиумите  дека името што е договорено е Северна Македонија, Коѕијас не сакаше  да одговори, додавајќи дека името што ќе се договори ќе го објават премиерите на двете земји.

Грчкиот министер за надворешни работи рече дека имињата што се останати на масата се Република Северна Македонија, Република Горна Македонија и Република Нова Македонија.

Коѕијас исто така, изјави дека македонската влада не го прифаќа името Вардарска Македонија, бидејќи, вели тој, смета дека се однесува на ерата на фашизмот и окупацијата.

Во голем дел од интервјуто, Коѕијас зборуваше дека претходните грчки влади прифаќале многу неповолни решенија за Грција, па дури и прифаќале раговори за двојна формула.

За македонскиот јазик, грчкиот шеф на дипломатијата рече дека бил официјализиран уште во 1977 година на конференцијата на ООН што се одржала во Атина.