Кохабитацијата ќе чкрипи до крај. Иванов заминува со куфер полн со вета


За неполни две години, претседателот Ѓорге Иванов стави вето на барем 15-ина закони донесени од актуелниот парламентарен состав, што е неверојатна бројка, ако се има предвид дека во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не се памети воопшто негово одбивање да потпише закон донесен од тогашните собраниски гарнитури. Иако во периодот 2009-2016 година, кога се сменија три собраниски состави, имаше многу закони што предизвикуваа лавини реакции во јавноста, па и протести, како на пример законот со кој се ограничи правото на абортус или сетот закони од областа на образованието, Иванов во ниту еден момент не помисли да ги врати во парламентот.
Иако дојде на функцијата како професор на Правниот факултет во Скопје, претседателот не реагираше со вето ниту за измените во Законот за високо образование што беа донесени пред неколку години, а кои се сметаа за упад во универзитетската автономија, така што поттикнаа масовни студентски протести кон кои се приклучија и дел од колегите на Иванов од повеќе факултети. Овој пример е специфичен поради тоа што во тогашниот Професорски пленум, кој протестираше против измените во Законот за високо образование, беше и сегашната кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за наследник на Иванов во претседателската резиденција – Гордана Силјановска Давкова, која е исто така професорка на Правниот факултет.
Иако тогаш не беа на иста линија во однос на промените во високото образование, четири години подоцна двајцата професори од Правниот факултет се на мошне слични стојалишта во однос на Преспанскиот договор и промената на името на државата со додавката „Северна“. Силјановска изјави неодамна дека, ако дојде на чело на државата, никогаш нема своеволно да го користи новото име:
– Нема да ги симнувам натписите, но јас никогаш сама нема да употребам Република Северна Македонија – изјави Силјановска.
Оспорувањето на Преспанскиот договор, кој сега е преточен и во Устав, дефинитивно го обележа стартот на кампањата на Силјановска, а во тој знак, очигледно, поминуваат и последните месеци на Иванов на претседателската функција. Освен што го бојкотираше референдумот и одбива да ја смени таблата на резиденцијата на Водно, на дваесетина дена пред стартот на кампањата за негов наследник, Иванов почна да ги враќа во парламентот сите донесени закони по стапувањето на сила на уставните амандмани.
Шефот на државата, според информации од пратеници, ги вратил во парламентот и трите реформски закони подготвени од Министерството за правда што беа изгласани со консензус минатата седмица, затоа што за нивно донесување е потребно двотретинско мнозинство. Станува збор за законите за судови, за управни спорови и за прекршоци, за кои гласаа пратеници и од власта и од опозицијата, а беа обележани со европско знаме.
Според член 75 од Уставот, претседателот може да одлучи да не потпише указ за прогласување закон. Собранието повторно го разгледува законот и, доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен да го потпише указот. Претседателот, исто така, е обврзан да го потпише указот доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со оглед на тоа што Иванов, практично, нема право на вето на двотретински закони, прашање е дали овие три закони од областа на правосудството воопшто ќе бидат ставени на повторно гласање или ќе бидат објавени во „Службен весник“ без потписот на Иванов, како што се случи со законите за употреба на јазиците и за ратификација на Преспанскиот договор. Со таа разлика што овие два закони одеа на повторно гласање, но шефот на државата за нив употреби т.н. апсолутно вето, какво што не е предвидено со македонскиот Устав.

Не е исклучено другите 11 закони, кои беа донесени на 28 февруари, 4 и 6 март, да не бидат вратени на потпис кај Иванов откако тој ги врати во парламентот, затоа што, како што се посочува, во кусите образложенија од претседателскиот кабинет нема забелешка за содржината на регулативите, туку само општи наводи дека шефот на државата при преземањето на функцијата се обврзал дека ќе го штити Уставот во кој, пак, од друга страна како име на државата сега е заведено Република Северна Македонија. Другата варијанта е овие 11 закони, а се очекува без указ да остане и Законот за спречување на дискриминација што беше донесен завчера, да одат на повторно гласање во парламентот, кога за нив ќе треба да се обезбедат минимум по 61 глас.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски вели дека очекува на редовната координација во парламентот во понеделник, откако спикерот Талат Џафери ќе се врати во земјава, да се договори начинот на кој ќе се третираат законите што Иванов ги врати во Собранието без негов потпис.
– Очигледно е дека Иванов, и на крајот на мандатот, не престанува да го крши Уставот, од друга страна повикувајќи се токму на него. Тоа стана негова вообичаена практика. Но, прашање е како не го признава новото име на државата, а не му претставува проблем да зема претседателска плата од Северна Република Македонија – коментира Мисовски.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи го оцени однесувањето на Иванов како упад во системот посочувајќи дека земјава е парламентарна демократија и Собранието го има последниот збор при носењето на законите.
– Собранието ќе најде начин како да ја врати својата уставна должност. Извршната власт го нема последниот збор во носењето закони, тоа право го има само Собранието и така ќе биде сè додека сме парламентарна демократија – рече Османи.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, вели дека дел од законите кои сè уште го немаат потписот на Иванов се од сферата на реформи на безбедносно-разузнавачкиот систем, меѓу кои и тој за ОТА, на кој и самиот е еден од предлагачите. Напомена дека во Собранието завршува неговата надлежност и оти за непотпишувањето на законите треба да се побара мислење од претседателскиот кабинет. Оттаму, пак, досега не се огласија со став во однос на колективните вета на Иванов. Според пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаска, Иванов дејствува спротивно на интересите на граѓаните, со оглед на важноста што ја имаат реформските закони.
– Тој работи спротивно на интересот на граѓаните, но нема да ги стопира напредокот и реформите во нашата држава – вели Шахпаска.

Александра М. Митевска