Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени


Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драга Данев вели дека нема да гласа за уставните измени што произлегуваат од договорот со Грција.

-За мене таа работа е завршена. Референдумот не успеа и јас како пратеник нема да гласам за уставни измени, изјави Данев за „Независен весник“.

Во очекување на консултациите меѓу мнозинството и ВМРО-ДПМНЕ за евентуална соработка околу промените на Уставот што следуваат по референдумот, Данев вели дека нема информации дали се планирани разговори меѓу власта и опозицијата и на кое ниво.

Во текот на референдумот, се појавија информации дека Данев е меѓу функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои излегле на гласање, но тој денеска не го потврди тоа.

Пред референдумот, дваесетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, главно, со подолг политички и собраниски стаж, објавија преку социјалните мрежи дека нема да гласаат за уставни измени за промени на уставното име.

На парламентарните партии кои го поддржаа референдумот им недостигаат уште девет гласа за двотретинско мнозинство за продолжување со имплементацијата на договорот од Преспа. Доколку не се обезбеди квалификуван кворум во парламентот, алтернатива се брзи предвремени избори за нов собраниски состав.