Конгрес ќе има, Мицкоски нов лидер на ВМРО – ДПМНЕ


ВМРО – ДПМНЕ, сепак, ќе го одржи вонредниот конгрес во Валандово, закажан за утре и за задутре. Веќе во сабота се очекува Христијан Мицкоски да стане наследник на Никола Груевски. Тоа е заклучокот по вчерашната седница на Извршниот комитет, на која се решаваше по писмото што поранешни и актуелни функционери на ВМРО – ДПМНЕ го испратија до водството на партијата, барајќи конгресот да се одложи до февруари и да претснат притисоците во полза на Мицкоски. Од тие причини, за писмото воопшто нема да се дискутира на денешната седница на Централниот комитет. Покрај тоа, ИК ги осуди „нехуманите услови во кои власта ги држи уставобранителите кои политички беа притворени со монтирани обвиненија за тероризам“.

„Ваквиот однос на властите кон притворените е директно кршење на човековите права и газење на нивното достоинство и претставува уште еден доказ дека не станува збор за правен случај, туку за класична политичка одмазда кон неистомисленици и луѓе кои не се плашеле гласно да го кажат своето несогласување со актуелните политики. Извршниот комитет одлучи дека партијата мора да продолжи да презема чекори со кои ќе го привлече вниманието на домашната и меѓународната јавност за недемократското и репресивно однесување на хунтата на власт и злоупотребата на институциите и целокупниот државен апарат, вклучувајќи ги и правосудните органи. Извршниот комитет ги осуди и обидите на полицијата да ги спречи протестите, со закани и провокации, обидувајќи се да го загуши секое изразување на незадоволство. Ваквите акти не водат кон нормализирање на политичката состојба во земјата и излез од актуелната криза. ИК ја разгледа и усвои анализата за одржаните локални избори на која што изминатиов работеше поширок тим. Анализата опфаќа куса, сублимирана верзија за причините за изборните резултати, но и детална обработка на информациите и согледувањата по Општински Комитети. Истата согласно заклучокот на Извршниот комитет, денеска ќе биде презентирана на состанокот на Централниот Комитет“, се наведува во партиското соопштение.