„Комунална хигиена“ го презема чистењето на Клинички


„Комунална хигиена“ ќе го преземе чистењето на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Како што информираа од Градот Скопје, денеска нивни екипи повторно ќе излезат во пресрет на граѓаните и ќе спроведат акција за чистење на отпадот во кругот на клиниките. Градските власти донираа и поставија во кругот на центарот и 15 корпи за отпадоци кои што деновиве беа заменети од Градскиот парк.

„Намерата на Градот е да го преземе одржувањето на хигиената во Клиничкиот центар и конечно хигиената на ова место да биде на оптимално ниво. Повеќедецениската негрижа за хигиената во Клинички центар досега резултираше со неколку акции за расчистување на отпадот. Град Скопје цени што граѓаните волонтираат во чистењето на Клинички центар во овој преоден период и придонесуваат да се ублажи настанатиот проблем“, велат од Градот.

Од таму апелираат до граѓаните да имаат разбирање во преодниот период додека, не се решат правните аспекти на склучувањето на договорот меѓу двата субјекти.

„Кога Град Скопје ќе ја преземе одговорноста за комуналната хигиена во Клинички центар, ќе се реши проблемот со отпадот во кругот на болниците. Јавните претпријатија ќе го дадат својот максимум во грижата за хигиената во градот, но за трајно да се реши проблемот со отпадот особено значајна е поддршката од граѓаните. Апелираме до граѓаните љубовта кон нашиот град да ја покажат и преку грижа за хигиената на просторот околу нив и секој да се погрижи отпадот да биде фрлен во поставените корпи и контејнери. Скопје се сака и на овој начин“, велат од „Комунална хигиена“.