Колку кандидати на власта ќе влезат во изборниот ринг?


ЛДП е четвртата партија од владејачката коалиција која најавува можен самостоен настап на претстојните претседателски избори, откако во текот на викендот таква можност навестија и две помали партии на етничките заедници што се дел од парламентарното мнозинство. Додека во главната владејачка партија се сумираат сè уште резултатите од анкетите и се чека размислувањето на базата, како што и сè уште се тактизира со можноста за вонредни парламентарни избори, во таборот на коалицијата предводена од СДСМ растат амбициите за влез во претседателската трка.
Наспроти првичните намери за настап на целата владејачка коалиција со заеднички т.н. консензуален кандидат за претседател, по неочекуваната промена на ставот на ДУИ и најавата дека ќе оди на избори со свој кандидат, се отвори можноста во првиот круг од изборите да има неколку кандидати од владејачкиот камп. Притоа, забележливи се обидите поддршката за претседателските кандидати да биде обезбедена по етничка линија, за разлика од претходните заложби на СДСМ за настап со кандидат кој би бил прифатлив за сите етнички заедници во земјава и на тој начин да се надмине практиката на предизборни коалиции по етнички принцип. Како што, впрочем, и СДСМ и ДУИ настапија со заеднички кандидати за градоначалници на локалните избори во 2017 година во општините со мешан етнички состав.
Централниот одбор на ЛДП во неделата донел одлука за почнување процедура за избор на претседателски кандидат на партијата. Номинацијата на кандидатите, како што соопштуваат од партијата, ќе се одвива преку самокандидирање, а предвидени се и одредени критериуми како, на пример, кандидатот да има либерални погледи.
Иако е отворена процедура за избор на претседателски кандидат, од ЛДП велат дека сè уште не е донесена конечна одлука за самостоен настап на партијата на претседателските избори. Одлуката за тоа, како што велат од партијата, ќе биде донесена согласно со тоа како ќе се развиваат политичките услови во наредниот период и откако ќе се види кои се можните кандидати на ЛДП и на СДСМ.
– Во зависност од кадровската понуда и профилот на кандидатите, ќе процениме дали треба да одиме сами на избори или да застанеме зад кандидатот на СДСМ, како што може и СДСМ да застане зад наш кандидат – вели функционер на ЛДП.
Во изминатиот период, како можен кандидат на ЛДП се споменуваше поранешната пратеничка Ангелка Пеева-Лаурентиќ.
Самостоен настап во првиот круг од претседателските избори деновиве најавија и други (помали) партии од коалицијата на СДСМ, како Партијата за движење на Турците и Амди Бајрам од Сојузот на Ромите. Од четвртиот вонреден тематски конгрес на Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП), кој се одржа во текот на викендот во Ресен, пристигна порака дека турската етничка заедница во Македонија треба да се обедини околу еден претседателски кандидат.
– Генералното мислење на делегатите е дека на претстојните претседателски избори редно време е првпат во историјата на самостојна Македонија, Турците да имаат свој претседателски кандидат – соопштија од ТХП. Во оваа насока претседателот на ТХП, Енес Ибрахим, ги поканил сите турски политички субјекти во земјава да се обединат околу заеднички кандидат.
Централниот одбор на Сојузот на Ромите, за време на викендот, исто така донел одлука, пратеникот Амди Бајрам да биде претседателски кандидат на партијата.
Доколку имаат намера да влезат во изборната трка, помалите партии ќе треба да собираат по 10 илјади граѓански потписи за своите кандидати, затоа што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се единствени кои може да обезбедат поддршка од 30 пратеници. Проценките се дека со евентуален самостоен настап на помалите партии од владејачката коалиција ќе се расцепкаат гласовите во првиот изборен круг, а истовремено ќе се отвори и простор за разни пазарења пред вториот одлучувачки круг. Од друга страна, на таков начин ќе се види реалната поддршка што ја имаат во базата помалите партии кои редовно се затскриваа зад големите партии партиципирајќи во нивните коалиции. ЛДП, на пример, последен пат излезе сама на избори во 2011 година кога остана без пратеничко место во седмиот собраниски состав. Исто така, оваа партија досега само еднаш настапувала самостојно на претседателски избори, и тоа во 1999 година, кога нејзин кандидат беше Стојан Андов. (А.М.М.)