Кинеската полиција доби дигитални очила за брзо откривање на криминалци
Кинеската полиција почнала да тестира дигитални очила со помош на кои полицајците ќе можат за секунда да идентификуваат осомничени криминалци.
Очилата се опремени со камера и се поврзани на дата-база во која се снимени ликовите на 10.000 осомничени криминалци по кои полицијата трага. Кога полицаецот ќе погледне во некој минувач, за 100 милисекунди очилата можат да проверат дали се работи за лице по кое има распишано потерница.
Овој нов уред веќе се тестира на железничките станици во градот Женгжоу, а се очекува првата помасовна употреба да ја има при одбележувањето на Кинеската нова година. Досега биле фатени седум криминалци, а 26 лица биле идентификувани дека патуваат со лажни документи.
Кина е прва во светот по бројот на безбедносни камери и други електронски уреди за следење поставени на улиците, чиј број се проценува на 600 милиони, а полициските очила ќе бидат најновото оружје во арсеналот на кинеската полиција.