Керим и Станисављева недостапни за СЈО


Некогашните први луѓе во „Медија принт Македонија“, Срѓан Керим и Јана Станисављева, два месеца се недостапни за специјалното јавно обвинителство, пишува „Макфакс“.

Неофицијално, на двајцата трагата им се губи од почетокот на октомври, односно набргу по нивниот распит во просториите на обвинителството. Според истите извори, Керим и Станисављева ја напуштиле Македонија на почетокот на октомври годинава, односно набргу по нивниот првичен распит во специјалното јавно обвинителство. Оттаму засега не побарале мерки со кои би го обезбедиле нивното присуство.

Според нашите сознанија, групата што ја истражува СЈО во предметот „Империја“ е проширена токму за предметот со стечајот на МПМ. „Макфакс“ дознава дека Срѓан Керим преку скопскиот аеродром заминал кон Виена, а неколку дена подоцна со авион заминал за Дизелдорф. Во Виена беше канцеларијата на Керим во времето кога тој директоруваше со групацијата ВАЦ за Југоисточна Европа. Тоа беше и местото каде што неофицијално требаше да биде испорачано шишето со 750 илјади евра, со кое беше фатен неговиот личен возач.