Кежаровски: Не смееме да ги затвориме очите и да бидеме неми набљудувачи


Новинарот Томислав Кежаровски вечерва пред огромна публика и со мноштво емоции ја промовираше својата прва книга „Живот во кутија“, што е приказ за неговиот осуммесечен притвор во затворот Шутка.

– Целта е таму некаде далеку, ама може да стасаме ако одиме кон неа по добро исцртани патеки. Мора да бидеме едни до други. Нема вакви и онакви, нема наши и ваши. Неправдата постои откако е создаден светот. Тешко се победува, но тоа не значи дека треба да се откажеме од потрагата по правдата или, уште пострашно, да ги затвориме очите и да бидеме неми набљудувачи, истакна авторот Кежаровски.

На крајот од своето емотивно обраќање пред насобраната публика на универзитетот ФОН, во кој говореше за своите лузни од прогонот на судско-полициските органи, Кежаровски истакна дека кога тој и неговите другари од ќелијата, од различна националност, вера и образование, можеле да живеат во осум квадрати, тогаш нагласи тој убеден е дека Македонија со два милиони луѓе може да функционира беспрекорно.

Промотори на книгата беа ректорот на Универзитетот ФОН Нано Ружин, професорката Маја Стефановиќ, која го спореди со најпознатиот руски писател дисидент Александар Солжењицин и новинарот Синиша Станковиќ.