Кацарска ѝ порача на Јанкулоска: Немојте да си поигрувате со судот


Како жена и како мајка, ќе бидам коректна и ќе ѝ дозволам на обвинетата Гордана Јанкулоска и повеќе од 45 дена по породувањето да не доаѓа на судски рочишта, но по 29 август нема да бидат дозволени никакви оправдувања и боледувања за отсуство.

Судијката Добрила Кацарска на вчерашното рочиште за случајот „Тенк“ ѝ одговори на поранешната министерка за внатрешни работи Јанкулоска на обвинувањата дека во деветти месец од бременоста ја малтретира и ја тера да оди на судења.

Јанкулоска не дојде и на вчерашното рочиште поради ризичната бременост, но Кацарска на одбраната и нејзе им порача: „Не поигрувајте си со овој суд“.

Кацарска следното рочиште го закажа за на 29 јуни, а по породувањето на Јанкулоска закажа уште 24 рочишта за овој случај, почнувајќи од 29 август до 26 октомври. Иако смета дека постапката ќе биде завршена и побрзо, сепак ги закажа рочиштата за да има термини за судење.
И вештачењето на Клиниката за гинекологија и акушерство потврди дека Јанкулоска има ризична бременост, лекарите препорачуваат да мирува за нејзината бременост да биде безбедно завршена.

Ризичната бременост не ја оспорија ниту обвинителот на специјалното јавно обвинителство, Стевчо Донев, ниту судијката, но обвинителот ја оспори нејзината медицинска документација што ја поднела одбраната за рочиштето на 1 јуни кога Јанкулоска не дојде.
Обвинителството проверило дали Јанкулоска била на преглед на 31 мај, како што рекла нејзината адвокатка, и Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги потврдил нивните сомневања.

Инспекторатот утврдил дека Јанкулоска не била на преглед кај нејзиниот матичен лекар и двете потврди што ги доставила одбраната од нејзиниот матичен лекар ги зел сопругот на Јанкулоска, а лекарот ги издал без да ја прегледа.

Против ординацијата на матичниот лекар инспекторатот поднел прекршочна пријава за неуредно водење на матичната евиденција. Во меѓувреме, на барање на СЈО, Фондот за здравствено осигурување и Лекарската комора ќе испитуваат дали било законско издадено боледувањето.
„Обвинетата претходно достави лекарска потврда дека има ризична бременост и поради тоа побара овој предмет да биде раздвоен, а сепак одеше на судењата за други предмети, иако имаше отворено боледување“, вели Донев.

Одбраната на Јанкулоска за нејзиното вчерашно отсуство се повика и на мислењето на докторката Татјана Гуржанова која ја ангажирале како технички советник и која била судски вештак од областа на гинекологијата и акушерството. Таа ѝ препорачала на Јанкулоска да мирува до полна 37. недела од бременоста односно со 15 јуни.

Кацарска побара објаснување во која гестациска недела е Јанкулоска, со оглед на тоа дека во мислењето од ГАК доставено на 6 јуни било наведено дека поранешната министерка е бремена 36 недела и два дена, што значи дека веќе е во 37 недела.

Адвокатката Алексиќ го посочи дополнувањето на лекарскиот конзилиум и техничкиот советник во кое било утврдено дека според параметрите на плодот, Јанкулоска била бремена 35. недела и еден ден и поради тоа препорачуваат мирување до 15 јуни.

Одбраната смета дека по двете идентични мислења на лекарите, секое отстапување од толкувањата на лекарите би било повреда на правата на обвинетата.

„Има исто мислење од две различни институции. За нас тоа значи дека има исти изјави од цела плејада авторитети. Се работи за ризична бременост и сметаме дека отсуството на пациентката е оправдано и секое друго отстапување и толкување на овие мислења би било спротивно на правата на обвинетата“, изјави адвокатот Боро Тасевски.

Постапката за поранешната министерка за набавката на луксузниот „мерцедес“ беше раздвоена поради ризичната бременост. За овој случај Кацарска веќе ги изрече двете пресуди. Поранешниот премиер Никола Груевски го осуди на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, на девет години затвор.

По овие две пресуди, Кацарска пријави закани и полицијата ѝ определи 24-часовно полициско обезбедување.

Фросина Факова – Серафиновиќ