Каракачанов: Ќе се застрелам ако сум зел пари за државјанства


Скандалот со пасошката мафија трет ден ја тресе соседна Бугарија. Државната агенција за Бугарите во странство е со затворени врати. Медиумите јавуваат дека документ за вадење пасош со кој се потврдува бугарско потекло не може да се извади. Аферата, која се претвори во жестока политичка пресметка, поврзана е со издавање патни исправи на граѓани од Македонија, Молдавија и Украина. Податоците на бугарското министерство за правда покажуваат дека за една година барање за бугарско државјанство поднеле 10.000 Македонци.

Министерката за правда Цецка Цачева најави дека под итно до крајот на годината ќе се направат промени во законот за издавање на бугарски државјанства за да се избегнат слични малверзации во иднина. „Му предложивме на вицепремиерот Каракачанов да го откаже издавањето на повеќе од 750 случаи од различни причини“, изјави Цачева.

Работната група, која ќе работи на промена на законот за бугарско државјанство, ќе има задача да направи промена во две главни насоки: добивање на бугарско државјанство по основа на потекло, а втората е поврзана со можноста за стекнување бугарско државјанство по натурализација, односно преку инвестиции.

Клопчето се одмота откако во понеделникот беше подигнато обвинение за фалсификување документи за добивање бугарски пасош против претседателот на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев. Се товари дека како шеф на организираната криминална група заедно со уште 20 лица земале мито за издавање бугарски пасоши на лица кои не ги исполнувале условите. Меѓу обвинетите е и генералниот секретар на Агенцијата. Неделно се издавале околу 40 сертификати, а групата се товари дека организирала издавање на документи за бугарско потекло, без лицата реално да ги исполнуваат условите за нивно добивање.

Дел од оние што посредуваат за вадење бугарски пасоши велат дека јавна тајна е дека се давале документи за потекло по пат на мито.

Во аферата исплива и името на вицепремиерот Красимир Каракачанов, кој се обвинува дека со продажба на државјанства на Македонци, наводно, го полнел буџетот на својата партија ВМРО-БНД. Тој тврди дека никогаш не зеле пари за издавање документи за бугарско државјанство, туку секогаш ја бранеле каузата на етничките Бугари од Македонија, Молдавија и Украина да добијат државјанство со поедноставена постапка.

„Ова е политички напад. Така реков и пред некој ден. Ако се докаже дека сум зел макар и стотинка, на плоштадот ќе се застрелам со пиштолот што го поседувам законски“, изјави Каракачанов за бугарскиот портал „Епицентар“.

Според новинарот и политичар, Велизар Енчев, Агенцијата за Бугарите во странство е под надзор на вицепремиерот за економска и демографска политика Валери Симеонов од Националниот фронт за спас на Бугарија, но од 2014 година до сега, како што нагласува, за сите началници на агенцијата гарантирал Каракачанов. Тој побара одговорност од лидерот на ВМРО-БНД.

Каракачанов призна дека го предложил уапсениот и обвинет за корупција лидер на патриотско движење Петар Харалампиев (партнер на ВМРО-БНД во коалицијата Обединети патриоти) за претседател на Агенцијата за Бугарите во странство, додавајќи дека „тоа можеби беше грешка“.

Енчев се осврна и на извештаите испратени до институциите од страна на поранешниот директор на Агенцијата, Катја Матева. Според него Матева, која е член на Движењето за правата и слободите, е разрешена од Министерството за правда поради запирање на државјанството за етничките Бугари со приоритет на издавање државјанство на турски државјани.

„Таа доброволно ги суспендира датотеките. Од 2016 година има истрага за тоа, но потоа на Државната агенција за национална сигурност и е забранет пристапот до класифицирани информации. Нејзината политика беше да ги спречи Македонците да добијат бугарско државјанство и да им дозволат на турските граѓани да станат бугарски. Нејзината политика беше национално предавство“, рече Каракачанов. Според лидерот на бугарското ВМРО, до криминалот со продавање документи за државјанство дошло токму поради фактот дека Матева ја комплицирала процедурата за државјанство на етнички Бугари. (П.Р.)