Камчев не може да излезе од притвор со кауција?


Бизнисменот Орце Камчев кој е во притвор во истражниот затвор во Шутка не може со кауција да излезе од притвор. Неговиот адвокат во саботата поднел жалба на одлуката на судијата на претходна постапка на Камчев да му биде одреден триесет и дневен притвор. Судот треба да одлучи дали ќе биде прифатена жалбата на Камчев со која бара да му биде укинат притворот, а неговиот адвокат побарал да присуствува на јавната седница на којашто ќе се одлучува.

Сепак тој не може да понуди кауција за да излезе од притвор бидејќи, според одлуката на судот нему му е одреден притвор не само за опасност од бегство, туку и за можност за попречување на истрагата и влијание на сведоци. Неговиот адвокат Антонио Апостолски вели дека судот би прифатил кауција доколку на Камчев би му била одредена мерка притвор само по основа, опасност од бегство.

Аргументите на адвокатите се дека Камчев нема да бега бидејќи е фамилијарен човек и дека не може да влијае на истрагата и врз сведоците бидејќи кривичното дело било сторено пред 16 години и доказите се темелат на документација, а не на сведоци. Последното кривично дело за кое се товари е сторено пред пет години и тој имал можност да ја уништи документацијата.

Камчев и уште 12 негови бизнис соработници СЈО ги сомничи за перење пари злосторничко здружување и други кривични дела во случајот „Империја“. Петмина од осомничените завршија во притвор. (Ф.Ф.С.)