Камчев на пратеничкото место на Груевски?


Ѓорги Камчев е следниот кандидат за пратеник на листата на ВМРО-ДПМНЕ за последните парламентарни избори што се одржаа на крајот на 2016 година. Тој би требало да влезе во Собранието во случај да му биде одземен пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски, за што деновиве треба да расправа собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетски прашања.

Независно од тоа дали надлежната собраниска Комисија ќе даде препорака за одземање на мандатот на Груевски, неговото  евентуално „разрешување“ од пратеничката функција зависи од тоа дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот.
Минатата седмица, судијката  Добрила Кацарска испрати допис до претседателот на Собранието Талат Џафери, во кој го известува за правосилната пресуда против Груевски за случајот „Тенк“, за што на поранешниот премиер му е определена двегодишна затворска казна. Известувањето му е препратено на претседателот на Комисијата за деловнички прашања Павле Богоевски, кој треба деновиве да закаже седница.

Известувањето на Кацарска е во согласност со член 59 став 1 во собранискиот Деловник во кој пишува: За пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања.
Според Уставот, на пратеник може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. За одземањето на мандатот на пратеник е  потребно двотретинско мнозинство  во парламентот, односно најмалку 80 гласови.