Камчев стигна пред Груевски во Шутка


Новинарските елипи доцна по полноќ пред истражниот затвор во Шутка го чекаа поранешниот премиер Никола Груевски, но неколку часа по полноќ наместо Груевски во затворот во Шутка со возила беа донесени бизнисменот Орце Камчев и неговите четвроица соработници.

Решенијата за одредените притвори од страна на судија на претходна постапка, како што не информираа од СЈО, ги подигнале ноќеска обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефановска. Јанева изјави дека наскоро истрагата за „Империја“ ќе биде проширена и ќе бидат опфатени нови лица. Со огледн на тоа дека овие предмети се преземени од редовните јавни обвинителства, СЈО се уште има рок да поднесе обвинение за овој случај. Освен Камчев во притвор завршија и Цветан Панделески, директор на ЗК, Пелагонија и татко на директорот на Пелистерка, Дејан Панделески. Потоа Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Мијалков, Ненад Јосифовиќ, близок соработник на Камчев и Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“.

Тие се товарат за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Според СЈО, во текот на предистражната постапка, со преземање различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека од 2002 до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку фирми кои биле или се во нивна сопственост.

Поранешниот премиер пак досега не се појави во затворот во Шутка. Судски курир синоќа неколку пати се обиде да му го достави решението од судот, но не го најде дома. Сега останува можноста Груевски сам да дојде во Шутка или решението да му биде врачено во понеделник во суд каде треба да се појави на рочиштето за „Титаник“.

Според последните информации од суд, судските служби викендов нема да се обидуваат да му го достават решението на Груевски. Една од можностите е решението да му биде испратено на домашна адреса на Груевски, а другата е лично да му биде врачено в понеделник.

Груевски е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“, односно за незаконската набавка на блиндираниот мецедес.