Камчев бил сместен во пристојна „хашка соба“


Бизнисменот Орце Камчев, кој вчера заврши во притвор како осомничен во новата истрага на СЈО „Империја“, е сместен во една од шесте „хашки соби“, во истражниот затвор „Скопје“, кои според условите важат за привелигирани соби, јавува „Фокус“ повикувајќи се на добро упатени извори.

Според информациите, останатите четворица, Ненад Јосифовиќ, Тодор Мирчевски, Цветан Панделески и Зорица Арсовска, се сместени во други ќелии.

Хашките соби се градени според стандардите на ЕУ, па затоа условите во нив се далеку попристојни од останатите ќелии.

Според поранешни притвореници, во овие соби се сместуваат притвореници со здравствени проблеми, оние кои имаат врски или оние на кои им е загрозена личната безбедност според карактерот на делото.

Собата е околу 24 м2 и во нив се сместуваат двајца, а поретко тројца притвореници, што е сосема пристојно ако се знае дека во останатите ќелии, кои се со помала квадратура се сместуваат и повеќе лица.

Хашката соба за разлика од обичните има веце шоља (во сите други е чучавец) оградена со ѕидче од 1 метар, големо лавабо, голем прозорец, релативно нови кревети и душеци, наткасни, а послана е со ламинат.