Како изгледаше првото минирање на Казандол (ВИДЕО)


Инвеститорот на рудникот „Казандол“ денеска почна со минирање, и покрај протестите од жителите на Валандово и околните места и најавите од премиерот Заев дека Владата сака да ја стопира работата на рудниците на југоистокот.

Активистите од „Спас за Валандово“ објавија видео од денешното минирање на рудникот во Казандол.

„Вака изгледаше првото минирање на само неколку метри од првите куќи во с. Казандол и с.Брајковци“, стои во објавата на нивната страница на Фејсбук.

Денеска, Заев најави дека Владата разгледува опции како да постапи.

-Нашата намера е да ја спречиме изградбата на рудниците. Сè што постои, како правно-формални опции. Гледам дека има пропусти. Правните тимови работат. Ќе ги разгледаат сите овие резултати како заклучоци и ќе постапиме – рече Заев.

Според концесионерот САРДИЧ МЦ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, „минирањето се спроведе согласно технологијата предвидена во одобрената Студија за оцена на влијанието врз животната средина врз основа на која Министерството за економија на Концесионерот му ја издаде дозволата за експлоатација“.

Велат дека ископот со минирање е предвиден во одобрениот Рударски проект и претставува законско право на Концесионерот согласно позитивните законски прописи.

– Се работи за вршење ископ со минирање со употреба на стопански безшумен експлозив (кое трае неколку секунди) на локацијата на површинскиот коп предвиден за експлоатација на минерална суровина кој се наоѓа во рамките на рударскиот комплекс Казандол, коешто е во согласност со Рударскиот проект, а со цел за поставување на дренажен слој од дробена минерална суровина врз горниот слој на хидроизолацијата чија што монтажа е извршена на Рударскиот објект-етажи на руда за лужење (Одлагалиште за руда), велат од САРДИЧ .