Како да ја победиме сиромаштијата?


Речиси една четвртина од граѓаните лани живееле во сиромаштија. Податоците на Државниот завод за статистика покажаа дека околу 460 илјади лица или 22.2 отсто биле сиромашни, како и дека стапката на сиромаштија е поголема во однос на претходната година кога изнесувала 21,9 отсто или сиромашни биле околу 445 илјади граѓани.

Сите преземени мерки досега не ги дадоа очекуваните резултати, пишува МИА.

Министерството за труд и социјална политика најави реформи во областа на социјалната и детската заштита, кои треба да почнат да се применуваат од почетокот на идната година. Очекувањата се дека тоа ќе ги помрдне состојбите преку зголемување на средствата што ги добиваат ранливите категории, но и нивно активирање, со цел побрзо и полесно да излезат од сиромаштија. Експертите сметаат дека реформите ќе влијаат на намалување на стапката на сиромаштија на кус рок, но оти на среден рок таа ќе треба да се намалува по пазарни фактори и зголемување на на пазарниот доход на најсиромашните работоспособни слоеви. Дел од нив велат дека некогаш се точни и пријавените приходи, оти во голем дел ранливите категории ги комбинираат паричните средства што ги добиваат од државата со средства заработени во рамки на сивата економија.

Трипати поголема социјална помош, како гарантиран минимален приход, за најголем дел од семејствата во социјален ризик, преквалификација и доквалификација на работоспособните приматели со цел да можат да се вратат на пазарот на труд и да излезат од сиромаштија, како и олеснување на пристапот до детски и образовен додаток, предвидува реформата на социјалниот систем што треба да почне да се применува од почетокот на наредната година.

Согласно измените што ги презентираа Владата, четириричлено семејство, со едно работонеспособно лице ќе добива 11.700 денари, а семејство со двајца возрасни и две деца 10.600 денари. Оттаму најавија дека за трипати се зголемува паричната поддршка преку таканаречен гарантиран миминален приход.

Се планира зголемување на средствата на ранливите категории, но и доквалификација за да им биде понудена работа. Ако двапати одбијат, помошта ќе им биде скратена.

Од „Фајнанс Тинк“ оценуват дека најавената трансформација на системот на социјална помош преку воведување минимален гарантиран доход, ќе го зголеми доходот на лицата кои се главно под прагот на сиромаштија и ќе влијае врз намалување на стапката на сиромаштија по социјални трансфери.

Но, сметаат оттаму, на среден до долг рок, релативната сиромаштија треба да се намалува главно со пазарни фактори и мерки кои ќе влијаат врз зголемување на пазарниот доход на најсиромашните работоспособни слоеви.

– Оттука, фокусот на понатамошните интервенции од државата, по најавеното воведување гарантиран минимален доход, а со цел натамошно намалување на релативната сиромаштија, треба да се насочени кон зголемување на вработеноста, преку креирање нови работни места, поттикнување акумулирање повисоки вештини (не неопходно само дипломи), во сите фази од образованието, со цел постигнување повисоки плати на пазарот на труд, зголемување на активноста на пазарот на труд, преку зголемување на вештините и вработливоста на лицата кои се (подолгорочно) неактивни, и особено мерки за активација на неактивните жени во мера во која е тоа реално возможно, велат оттаму.

Професорката Маја Геровска Митев од Институтот за социјална работа и социјална политика вели дека за најавените реформи да дадат некакви резултати треба да се обезбедат доволно средства, но и да се создадат услови да можат да се спроведат законските решенија.

– Ако во 2016 година процентот е 20.3, иако официјалниот податок малку поинаку ја прикажува сиромаштијата, бидејќи е земен предвид и земјоделскиот приход, ние очекуваме практично да се намали за 8 проценти, односно за 1,6 процентни поени, односно да биде 18,7 што зависи од неколку работи. Ние очекуваме стапката на сиромаштија за 2019 година да биде намалена за овие 1,6 процентни поени, вели професорката.

Дали таа ќе се намали, додава, зависи од тоа колку луѓето ќе го искористат гарантираниот минимален приход, или колкава ќе биде побарувачката, односно колку ќе биде покриеноста на луѓето.

-Ако сега имаме околу 26 илјади корисници за да стасаме до 34 илјади луѓето треба да бидат информирани. Голем дел од нив не знаат дека имаат пристап до овие права. Една од клучните придобивки што ги прави оваа социјална реформа е тоа што се отстрануваат административни бариери, бидејќи досега ова право можеа да го користат само регистрирани невработени. Сега може да го користат и вработени, кои имаат нередовни и ниски приходи, непостојани, сезонски, на кои годишно ниво им се зема висината на приходот. Исто така, олеснет е пристапот до детски додаток на корисниците на минимален гарантиран приход. Претходно беше или или, односно беше виден како право само за оние кои плаќаат придонес за социјално осигурување, бидејќи корисник може да биде семејство во кое има ма еден корисник на осигурување во случај на невработеност, што претходно плаќал придонеси или еден вработен. Приоритет имаа лицата кои плаќаа придонеси. Сега се трга тоа, вели Митев.

Таа додава дека сега со социјална парична помош е покриено 4,5 проценти од населението, по проценките за минимален гарантиран доход, се очекува зголемување на покриеноста на населението на 6,7 проценти.

За разлика од ова, кај детскиот додаток, вели таа, имаме повеќекратно зголемување на процентот на опфат.

– Од 26 до 30 од децата до 18 годишна возраст, во зависност од побарувачката, ќе можат да ко користат ова право. Тука се очекуваат најаголемите ефекти во смисла колку ова право ќе направи промените што може да ги нправи промена, потенцира професорката Митев.

Според неа, реформите најголем ефект ќе имаат на длабочината или интензитетот на сиромаштијата.

-Може за некого тоа политички не е видлива мерка, но, за оној што ќе ги прима средствата ќе биде видлива мерка. Пежоративно кажано, доколку некој бил сиромашен за многу, сега ќе биде сиромашен за помалку. Ако му недостасувале 3.500 денари да излезе од рзикиот на сиромаштија, сега можеби нема да излезе, но ќе му недостасуваат 1.500 денари. Сиромаштијата не ја мериме само преку тоа колку се зголемува или намалува стапката на сиромаштија, туку колку сиромаштијата се зголемува или намалува внатре, односно колкав е јазот или интензитетот кај оние што ја чувствуваат, појаснува таа.

И таа смета дека за излез од сиромаштијата, покрај социјалните мерки, е потребна активација на лицата на пазарот на труд, преку квалификација и доквалификација, нешто што е предвидено во овие социјални реформи.

-Новина е дека обрска за активација нема само тој што е носител на правото, туку сите невработени членови. Тоа значи дека фоколку носителот или било кој член на семејството одбијат работа го губат правото, вели таа.

Активацијата, според неа, не може да се решава само законски, туку таа зависи од понудата.

-МТСП работи засилено на посебен акциски план за активација на корисниците, што значи дека тие за да не одбијат треба да имаат и некакви квалификации, кои сега ги немаат, а од друга страна немаа ниту понуда. Најлесно беше да се каже дека тие немаат образование, но немаше понуда за тие што немаа образование. Сега се прави посебен план со акциски мерки само за корисниците и тоа е клучно за активацијата на корисниците да може да биде реалност.

Таа не верува дека ова може магично да се смени само со еден закон, ниту да се промени менталитетот кај луѓето кои се научени да ги комбинираат паричните права со сивата економија.

-Но, тоа сега потешко ќе им оди, во смисла дека им се даваат повеќе пари, но, во истовреме од нив повеќе се очекува. Ако досега се пријавувале еднаш во месецот и можеле да си работат настрана, сега ќе мора да работат секојдневно со АВРМ, центрите за социјални работи за да најдат на која обука ќе се вклучат, да учествуваат, да се види до каде се со обуката …, смета професорката.

Законите од областа на социјалната реформа во моментов се на ЕНЕР, и сите заинтересирани можат да дадат забелешки на нивната содржина. Потоа тие ќе влезат во собраниска процедура. Очекувањата се реформата во областа на социјалната заштита да почнат да се применуваат од почетокот на наредната година.