Кадиров ги обвини САД за блокирањето на неговите профили на Фејсбук и Твитер


Чеченскиот претседател Рамзан Кадиров порача дека нема да бара реактивирање на неговите профили на Фејсбук и на Инстаграм, кои вчера ги блокираа двете социјални мрежи и за целиот случај ги обвини властите на САД.

Тоа е прва реакција на Кадиров, кого минатата недела американското Министерство за финансии го додаде на т.н. „листа Магнитски“, обвинувајќи го за тoртура и убиства и за „чистки“ на хомосексуалците и бисексуалците во Чеченија и во севернокавкаскиот регион.

Тој е еден од четирите руски државјани кои се најдоа на дополнетата „листа Магнитски“, изработена врз основа на Законот за заштита на човековите права во Русија и поранешните советски републики, познат како „Акт Магнитски“.

Профилите на Кадиров на Фејсбук и Инстраграм, кои имаат илјадници следбеници, од завчера се недостапни. На овие профоли тој често објавуваше фотографии, прикажувајќи го својот екстравагентен стил на живот.

– Социјалните мрежи можат да блокираат профили, но името на Рамзан Кадиров никогаш нема да биде блокирано, нити од нив, ниту од нивните домаќини, порача чеченскиот претседател.

Кадиров е еден од најзначајните руски официјални лица додадени во „списокот Магнитски“ од страна на Одделот за контрола на странскиот капитал при Министерство за финансии на САД.

„Актот Магнитски“ е донесен со цел да бидат казнети руски официјални лица и обични граѓани осомничени за кршење на човекови права во Русија.

Досега на листата се наоѓаат 49 лица. Десетина од нив, како раководителот на Истражен комитет на Русија, Александар Бистрикин или поранешниот разунавач Андреј Луговој, кој е осомничен за убиството на дисидентот Александар Литвиненко во Лондон во 2007 со радиоактивен полониум, се блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин.

Сите се подложни на различни финансиски санкции и забрани за преминување граници. Непознат број на други лица се наоѓаат на класифицирна листа, која е недостапна за јавноста. Генерално, сите лица на „листата Магнитски“ не можат да вршат трансакции во најголем дел од меѓународниот банкарски систем, а капиталот што го поседуваат во САД им е замрзнат.

На донесениот закон од страна на американскиот Конгрес во 2012, Путин возврати гневно и во 2013 година Кремљ ја стопира програмата за посвојувања на руски сирачиња од страна на американски граѓани. За тоа беше донесен закон експресно изгласан од Думата. Руската опозицијата овој законски текст го нараче „закон на подлите“.