Каде оди ВМРО-ДПМНЕ? Ученикот го надмина учителот…  


Кога пред околу десет месеци Христијан Мицкоски го наследи Никола Груевски на партискиот трон, веројатно, ретко кој очекуваше дека новиот лидер на  ВМРО-ДПМНЕ ќе успее за толку кратко време да навлече толу голем револт од меѓународната заедница, за што на неговиот претходник му беше потребна безмалку една деценија владеење – и тоа со манири кои беа оценувани како недемократски, авторитарни, ретроградни и изолационистички. Мицкоски сега, како опозициски лидер, е на добар пат не само да придонесе за понатамошна изолација на Македонија, туку и да ја изолиора својата партија од европското семејство на демохристијански партии.

Поранешната државна секретарка на САД за Европа и Евроазија, Викторија Нуланд, која силно асистираше во разрешувањето на политичките кризи во земјава во ерата на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, никогаш не дојде во ситуација да му напише толку остро писмо на Груевски, како што тоа го направи деновиве нејзиниот наследник Вес Мичел со отворената прозивка на Мицкоски. Писмото на Мичел, кое, според партиски извори, со светлосна брзина предизвикало немир и несигурност меѓу поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, се чини, не го возбуди многу Мицкоски.

Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ ноншалантно му одговори на високиот функционер на Стејт департментот дека „секогаш е најтемно пред зората“. Претходно, во интервју за Дојче веле, Мицкоски претенциозно оцени дека е обесправен со тоа што не му било дозволено да се обрати од собраниската говорница (и покрај тоа што не е пратеник), кога веќе тоа им било овозможено на Федерика Могерини, Јенс Столтенберг и на други меѓународни претставници.

Покрај Мичел, порака на разочараност од македонската опозиција, пред неколку дена, испрати и претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол. Но, и тоа не го поколеба Мицкоски, кој досега падна на колена единствено пред своите поддржувачи на предреферендумскиот протестен собир на ВМРО-ДПМНЕ во Штип.

Извори од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Мицкоски и луѓето од неговото најтесно опкружување не се загрижени многу од најавите за можни санкции од ЕПП, кои во краен случај би значеле исклучување на партијата од европското семејство на демохристијански партии – закана со каква што веќе е сочена и партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Наводно, како превентива од можното исклучување, во врвот на ВМРО-ДПМНЕ моментно се разгледува опција за прилкучување кон  Европските конзервативци и реформисти – евроскептична политичка група во Европскиот парламент. Најголеми партии во оваа група се британската Конзервативна партија и Право и правда на Јарослав Качињски во Полска, како и крајната десница од Шведска и од Норвешка и бугарското ВМРО на Красимир Каракачанов. Групацијата постои околу десет година, но проценките на кликата околу Мицкоски, наводно, биле дека во скоро време таа ќе биде повлијателна од ЕПП.

И додека Мицкоски упорно им покажува заби на меѓународните фактори и на  македонските власти, кои очекуваат соработка од ВМРО-ДПМНЕ за донесување на уставните измени, во пратеничката група на партијата постепено се диференцира пратеничко јадро кое настапува далеку поумерено од партискиот врв во однос на понатамошното спроведување на договорот со Грција, а со цел членство на Македонија во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Таква поконструктивна и попрогресивна  „фракција“ во изминатиот период се искристализира и во самото раководство на партијата, што го формираше Мицкоски по неговиот избор на конгресот во Валандово.

Соговорници од раководството на ВМРО-ДПМНЕ велат дека „реформистите“ веќе не се единствените кои имаат критичен став во однос на политиките на Мицкоски и неговите најблиски соработници. Во партијата, велат, постепено се создава поголема критична маса, која не е исклучено во наредниот период да побара одговорност од Мицкоски.

-По сите пораки на разочараност што дојдоа од меѓународната заедница, особено по писмото на Мичел, јасно е дека лидерството на Мицкоски е доведено во прашање, коментираат соговорници од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие посочуваат дека во партијата кружат различни информации околу релациите на Мицкоски со поранешниот лидер Груевски, кој се држеше на дистанца пред и за време на референдумот, додека деновиве речиси цело време е присутен во собраниската сала во текот на расправата за уставните измени.  Груевски, како што објавивме пред извесно време, се исели и од централата на ВМРО-ДПМНЕ и изнајми канцелариски простор во ТЦ „Палома бјанка“. Потоа, во партијата почнале да кружат информации дека односите меѓу Груевски и Мицкоски се крајно заладени. Нашите соговорници, пак, коментираат дека е помалку битно дали тие двајцата се гледаат секојдневно и заедно пијат кафе, кога е очигледно дека актуелниот лидер нема намера да воведе нови политики во партијата, туку се држи до политичкиот курс на неговиот претходник.

Во изминатиот период, Мицкоски, и од позиција на опозиционер, се профилира како бранител на политиките поради кои поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ  се соочи со изолација, со кривични прогони и ја изгуби власта. Тоа особено се виде со упорните убиди на сегашното раководство на ВМРО – ДПМНЕ да издејствува амнестија за случаите што произлегоа од аферата со прислушувањето – и по цена на блокада на евроатлантските процеси на државата. Она за што на Груевски му беа потребни неколку години, Мицкоски го направи за неполна година. Единствено што не му успеа во овој период е да ја држи во строга дисциплина и подреденост партиската база и да постигне целосна монолитност во партијата, како што тоа го правеше Груевски.

Александра М. Митевска