И ЦИВИЛ со апел да не се користи пиротехника за празниците


ЦИВИЛ се придружува кон апелот на МВР да не се употребуваат петарди и други пиротехнички средства за време на празничните денови и ги повикува граѓаните да го пријават несовесното и противзаконско однесување.
– Славеничкото пукање е забрането со закон и е крајно опасно по животот. Распрскувачките материјали и петардите често предизвикуваат трагедии, дури и во редовите на професионалци на кои во описот на работното место им е ракување со експлозиви и оружје. Куршум испукан во воздухот, мора да се врати на земјата. И тогаш може да има трагични последици, а да не зборуваме за опасностите од рикошет или едноставно заскитан куршум кој може да биде убиствен, предупредува ЦИВИЛ.
Бројни се, додава, примерите на трагични завршетоци на прослави и веселби кога заскитан куршум убил или повредил случаен минувач или учесник на прославата.
– Без оглед на тоа колку мислите дека го владеете оружјето, имајте на ум дека и најголемите професионалци грешат. Тоа е факт кој треба да се има на ум во денови кога се конзумира алкохол и се заборава на безбедноста. „Веселите пиштолџии“ треба да имаат предвид дека и кога нивното пукање не повредило никого, траумата од пукањето нанесена на сите во нивната околина е, исто така, голема штета, наведува ЦИВИЛ.
Воедно сугерира, родителите да ги посоветуваат децата да се оддалечат од местото на евентуалното славеничко пукање, да не допираат оружје или експлозиви и да пријават незаконска употреба на оружјето. – Овие безбедносни правила, се разбира, важат и за возрасните, велат од ЦИВИЛ.