И ЛДП почна процедура за избор на претседателски кандидат


Централниот одбор на ЛДП синоќа донел одлука за почнување на процедура за избор на претседателски кандидат за престојните претседателски избори. Номинацијата на кандидатите, како што соопштуваат од партијата, ќе се одвива преку самокандидирање,  а предвидени се и одредени критериуми како, на пример, кандидатот да има либерални погледи.

Иако е отворена процедура за избор на претседателски кандидат, од ЛДП велат дека не е донесена сѐ уште конечна одлука за самостоен настап на партијата на претседателските избори. Одлуката за тоа, како што велат од партијата, ќе биде донесена согласно со тоа како ќе се развивааат политичките прилики во наредниот период и откако ќе се види кои се можните кандидати на ЛДП и на СДСМ.

-Во зависност од кадровската понуда и профилот на кандидатите, ќе процениме дали треба да одиме сами на избори или да застанеме зад кандидатот на СДСМ, како што може и СДСМ да застане зад наш кандидат, вели  функционер на ЛДП.

Во изминатиот период, како  можен кандидат на ЛДП се споменуваше поранешната пратеничка Ангелка Пеева Лаурентиќ.

Можен самостоен настап со свои кандидати во првиот круг од претседателските избори најавија деновиве и други (помали) партии од коалицијата на СДСМ, како Партијата за движење на Турците и Амди Бајрам од Сојузот на Ромите. Доколку имаат намера да влезат во изборната трка, овие партии ќе треба да собираат по 10 илјади потписи за своите кандидати.