И за најдобрите студенти никој не се „тепа“


Повеќе од триесет студенти кои имале најдобар успех,  дипломирале или ги привршуваат студии на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ добија награди и пофалници. Станува збор за студенти кои имале  просечна оценка најмалку 9,00.  Дваесет и четиригодишната  Александра Зафировска, дипломирала на Фармацевтскиот факултет во Скопје со средна оценка 9,75. За наградата вели дека и е само признание за знаењето со кое се стекнала, сега  работи во аптека. На факултетот, и покрај солидниот успех, и немаат понудено работно место Посочува дека државата недоволно вложува во младите, па затоа тие најчесто својата егзистенција ја гледаат надвор. Засега е задоволна што има работа.

„На факултет ми немаат понудено работно место, меѓутоа моментално сум  вработена во аптека, каде им  помагам  на луѓето, со знаењето што го имам стекнато на факултет и што таму го докажувам. Засега моите планови се да работам во аптека, а за понатаму ќе видам. Не размислувам да заминам  во странство. За различни професии има различни можности, меѓутоа сепак мислам  дека недоволно се вложува во младите во нашата земја, поради што многумина го бараат патот надвор од неа, рече Зафировска.

Ирена Тачовска од Македонска  Каменица  запишана е на Правниот факултет „Јустинијан Први“  каде е трета година  и има постигнато среден успех 9.90. Заедничко со Александра им е тоа штом, и покрај високиот супех,  не и е понудено да работи на факултет. Се надева дека наскоро ќе најде работа, размислува и за работа во странство.

„Секогаш има работа за добри правници односно место во правната струка за нив. Очекувам дека со овој успех ќе најдам побрзо работа. Сакам да се  запишам на магистерски студии, понатаму да продолжам со пракса  и секако да најдам работа во адвокатура или судство. Никогаш не е доцна за ништо. Би сакала да работам на факултет, ама досега не ми понуделе. Планирам и мастер студии во земјава,  а за понатаму не знам, може да заминам и некаде во странство“ рече Ирена.

Семејството на  Стефан Аговски ја прими наградата. Тој по дипломирањето на Факултетот за електротехника и информациски технологии со просечна оценка 9,95 заминал во Швајцарија каде запишал постипломски.

„Го продолжи школувањето со стипендија, сега е на постипломски во Швајцарија. Негова идеја сега засега е да се дообразува, да го докомплементира образованието“, рече мајка му на Стефан.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски рече дека најдобрите студенти, со нивните постигнати успеси учествувале  во  континуирано подигнување на квалитетот на студирањето на УКИМ. Укажа  дека дури стотици наставници недостигаат на факултетите  за да можат нормално да функционират.

 „Потребите за вработување на нашиот универзитет се огроми, заради тоа  што со години наназад вработувањата биле крајно редуцирани,  поединечни факултети дури не можат да функционираат. Со новите  законски решенија, очекуваме  да ги вратиме барем дел од најквалитетните млади кадри кои заминуваа во други држави, таму се вработуваа. Така што се надеваме дека, со разбирањето на Министерството за образоване и наука  и Министерството за финансии   ќе се одобрат поголем број на вработувања што навистина суштински ни се потребни за функционирање на единиците на универзитетот“, рече Јанкуловски.

Додека студентите кројат планови каде по студиите, за околу триста илјади ученици  заврши учебната година.  На матурантите им останаа обврските со државната матура. Утре ќе имаат тестирање по задолжителниот  екстерен испит , мајчин јазик и литература. В понеделник пак,  е закажано тестирањето по третиот предмет хемија, физика, биологија, историја, филозофија, естетика или бизнис, а на 13 јуни испитот по математика.  Резултатите ќе бидат објавени еден месец  од датумот на полагањето.За полуматурантите  пак, месецов на 18-ти и 19 јуни  јуни е првото пријавување за упис  во државните средни училишта, второто пријавување  е на 28 јуни. Во августовскиот рок пријавувањето е на 23 август.

Вероника Мароска-Леова