И Брзата помош во приватни раце?


Министерството за здравство подготвува физибилити-студии со кои ќе анализира кои специјалности или супспецијалности можат да преминат во јавно-приватно партнерство. Министерот Венко Филипче вели дека ќе се анализираат сервисите како ин витро фертилизација, Брзата помош и други специјалности. Најчесто на државните клиники недостига инфраструктура, а ова се модели кои сакаат да ги разгледаат, додека не заврши изградбата на новиот клинички центар.

„Сега функционира системот на ваучери и жената одлучува каде ќе оди. Сметам дека имаме потенцијал да го надградиме Одделот за ин витро фертилизација преку јавно-приватно партнерство, со надградување и на инфраструктурните услови и на експертизата. Да станеме конкурентни на приватните болници и препознатливи за тој сервис и во регионот. Разгледуваме надградување на капацитетите на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје“, истакна Филипче.

Министерството прави и анализа во која насока ќе се реализира ваквото партнерство за Детската кардиохирургија за таа да биде префрлена во приватна здравствена установа. Притоа, во јавноста се спомнува болницата „Филип Втори“. Целта е пациентите да ја добијат потребната здравствена услуга, а операциите за децата да бидат целосно обезбедени од Фондот за здравствено осигурување.

„Фондот не може да ги покрие сите приватни услуги во сите приватни болници затоа решивме да се фокусираме на најкритичните групи, а тоа се децата и затоа сега ги разгледуваме и аспектите за Детската кардиохирургија“, подвлече Филипче.

Со ова се отвора прашањето: Дали и натаму ќе биде неопходна толку голема инвестиција за изградба на новиот Клинички центар или тие пари да се инвестираат во јавно-приватно партнерство?

„Сметам дека ова е одличен повод да се отвори јавна дебата, точно да знаеме што ни треба во моментот, со што располагаме, што можеме да искористиме, а во што треба да инвестираме. Поради тоа што многу ретко во светот има јасна граница, како што тоа е направено изминатите години кај нас во приватното и јавното здравство. Пациентите го избираат докторот, а наша задача е да обезбедиме добри услови“, рече Филипче.

На инфо-денот за користење грантови од директните фондови на Европската комисија за секторите здравство и животна средина, израелскиот амбасадор Дан Оријан рече дека израелските компании доаѓаат во Македонија и ги проверуваат можностите за соработка во здравството. Потсети на обуката од израелски тренери, а која ја посетуваше персоналот од Клиничкиот центар – Скопје во рамки на проектот „Медицински кловнови“, чија цел беше да ја подобрат психолошката состојба на тешко болните деца и возрасни хоспитализирани на клиниките.

„Израел има многу што да понуди и има интерес за соработка“, рече Оријан.

Американска фондација, пак, ќе донира систем на телемедицина, кој наскоро ќе биде имплементиран во Ургентниот хируршки центар и ќе биде централно место каде што експертите од различни специјалности ќе имаат увид, додека за почеток ќе комуницираат со регионалните болници во Штип, Струмица, Прилеп, Битола, Охрид и Тетово.

 

 

      И покрај предистражната постапка, Филипче не се откажува од тендерот за реагенси

 

Министерството за здравство ги разгледува забелешките на второстепената комисија за здравство и во таа насока ја гради тендерската постапка за централизирана набавка на реагенси. Од тендерот за набавка на реагенси, министерот Венко Филипче вели дека не се откажуваат и дека повторно ќе биде распишан, при што укажа дека со ваквата набавка со вкупна вредност од 35 милиони евра ќе се направи заштеда.

„Сериозно ги разгледавме забелешките од второстепената комисија и во таа насока ја градиме тендерската постапка што треба да следува. Во принцип, мотивите се исти, да направиме заштеда. Сметаме дека ќе направиме заштеда од најмалку 10 до 15 отсто. Работиме на препораките на комисијата. Вредноста од 35 милиони евра останува, станува збор за сума пари која во моментов сите јавни здравствени установи ја трошат за период од три години. Годишно трошиме околу 12 милиони евра во сите лаборатории во земјава за реагенси“, истакна Филипче.

Инаку, Јавното обвинителството отвори предистражна постапка за тендерот за реагенси во вредност од 35 милиони евра. Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови за крв. Постапката обвинителството ја отвори по допрен глас поради постоење индиции за неправилности.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер