Италијанците избраа хаос место влада


Гласачите во Италија му рекоа „не“ на стариот политички систем. Но, популистите од левата и од десната страна, кои освоија најмногу гласови, не можат да формираат влада. И добро е што е така, смета Бернд Ригерт.

Изборите во Италија не донесоа јасно мнозинство кое би можело да формира влада, а тоа е загрижувачки сигнал. Шеесет отсто од италијанските гласачи на овие избори се одлучија за популистите – за оние одлево, за движењето „Пет ѕвезди“ или за оние оддесно, за листата која ја сочинуваат четири популистички партии, вклучувајќи ги и неофашистите. Колку луѓето се фрустрирани и да им е згадено од досегашната владејачка пракса во Италија што спасот го побараа кај популистите кои ветуваат сѐ, си играат со стравовите, а малку од тоа се навистина способни да го остварат?

Повторно воскресна и политичката мумија Силвио Берлускони, кој со својата осумдесет и една година и со освоени петнаесет отсто од гласовите важи за човек во кој се полагаше надеж, иако повеќе од кој било друг го претставува стариот систем. Отворено ксенофобичниот противник на еврото, Матео Салвини, освои дури и повеќе од  Берлускони, да не се споменуваат притоа воопшто обожавателите на Мусолини, „Браќа на Италија“, кои исто така се кандидираа на листата на десницата. На другата страна е протестната платформа „Пет ѕвезди“ чии водечки политичари ветуваат сѐ и сешто, односно сакаат да трошат пари што Италија ги нема. Главен виновник е ЕУ, која би требало да ѝ даде повеќе пари на Италија.
Италија очигледно сакаше нешто ново, нешто поинакво. Многумина ја гледаат својата земја како целосно неефикасна и застарена. Ова е сега сметката за левичарите на чија листа беа и социјалдемократите кои се поделија пред самите избори и – како и СПД во Германија – бележат постојан пад. Некогашната надеж Матео Ренци е целосно исклучен. Реформите во Италија слабо напредуваат, економијата едвај забележува раст, бројот на невработените е голем, а проблемот со имигрантите е нерешен. Државниот апарат голта премногу пари, правосудството е бавно и неефикасно, земјата е презадолжена. Листата на проблеми на третата најјака економија на Европската Унија е долга.

Пораката на гласачите очигледно гласи: веќе не може како досега. Но, ќе биде така бидејќи трите големи блока најверојатно ќе се блокираат едни со други во парламентот, со оглед на тоа што формирањето коалиција е невозможно. Дури ни малку веројатната коалиција на партијата на Берлускони и социјалдемократите не би имала мнозинство во двата дома на парламентот. Доколку партиите не покренат иницијатива, државата ќе постави техничка влада, која ќе ги извршува задачите до новите предвремени избори. Италија често го имала тој модел. Тој модел не ја отсликува демократската волја на гласачите, но барем гарантира делумно стабилни односи.

Националниот фронт на Марин Лепен, францускиот сојузник на десничарот Савини, им го честиташе освојувањето на најголемиот број гласови. Партијата на Лепен, за жал, е во право кога вели дека ова беше лоша ноќ за Европската Унија. Со зајакнувањето на популистите, оваа важна земја преминува во таборот во кој веќе се Унгарија, Полска, Чешка, Грција и Австрија. Популистите се на власт или се дел од владата на овие земји. Досега ниту во Брисел,  ниту во Париз и во другите главни градови, нема рецепт како да се стопира напредувањето на популистите и националистите.А Италија не може да си дозволи повеќемесечна владина криза. Доколку пазарите изгубат доверба во нормалниот развој на Италија, државниот долг наскоро може да стане прескап и невозможен за финансирање. Единствено проценката на еден гласач дава малку надеж: „Ние Италијанците ќе се избориме и со оваа ситуација. Секогаш на некој начин успевавме да излеземе на крај со нашиот проблематичен систем“. (Дојче Веле)