Истражување: Половина Македонци пушат, многумина земаат седативи


Речиси половина Македонци се активни пушачи. Фрапантен е и високиот процент на луѓе кои земаат седативи. Ова го покажа Извештајот за употреба на психоактивни супстанци од возрасното население во Македонија, кое денес беше презентирано на Институтот за јавно здравје. Истражувањето е спроведена на 5.005 испитаници на возраст од 15 – 64 години и се однесува за 20017 година.

Според резултатите, активни пушачи се 46 отсто од возрасните и 40,2 отсто од младите.

-Имаме доста пушачка нација. Со алкохолот сме тука некаде како другите земји. Марихуаната е најчесто користена дрога. Кај пушењето, употребата на алкохол и на дроги предничат мажите. Фрапантни се податоците за употреба на седативи. Во последната година, средства за смирување земале 39 отсто од жените и 28 отсто од мажите – рече д-р Силвана Ончева, која ги презентираше резултатите.

Испитаниците навеле дека главна причина за употребата на седативи е „да се опуштат“ (30 отсто), а останатите за да заспијат (17 отсто).

Околу 5 отсто од младите на возраст од 15-16 години пробале марихуана еднаш до двапатаи во животот. Најчесто користена нелегална дрога е канабисот. Вкупно 8,2 отсто од сите возрасти пријавиле дека земале од оваа дрога во одреден момент од нивниот живот.

Што се однесува до алкохолот, 65 отсто од луѓето меѓу 15 години и 64 години барем еднаш во животот пробале алкохол. Процентот е повисок кај помладите, во возрасната група 15 – 34 години, и е 76 отсто. Најчесто се пие пиво, главно кај мажите. Виното е на второ место и повеќе го пијат жените.

-Добиените сознанија од студијата претставуваат голем придонес во јавното здравство, имајќи во предвид дека претставуваат основа за креирање на идните политики во борбата против зависностите од психоактивни супстанци. Целта е заштита на здравјето на нашето население – рече Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје.

Ова е прво вакво истражување во Македонија. Направено е во соработка меѓу Социјална медицина, Институтот за јавно здравје, Институтот за епидемиологија и биостатистика и Медицинскиот факултет.

С.С.З