Истрага за пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ – осомничено и раководството на МРТВ


Специјалното јавно обвинителство отвори истрага за пропагандата што ја вршело дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ со пари од државниот буџет. Во предметот „Пропаганда“ осомничени се  девет лица, поранешниот премиер, Никола Груевски, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски,, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, директорот на МРТВ, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис. Се товарат дека влијаеле врз јавното мислење и обезбедувањето на контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот, а со цел медиумска поддршка на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Постои основано сомнение дека осомничените девет лица формирале злосторничко здружение на чие чело бил осомничениот Никола Груевски кој, заедно со осомничените Кирил Божиновски и Ацо Мисајлоски создале група што имала за цел вршење на кривични дела против службената должност. Делувањето на групата било во две насоки и тоа: преку распределба на средства од државниот буџет и преку преземање на локални телевизии и едно радио да се влијае на независноста на радиодифузерите при создавање на програмите и креирањето на уредувачката политика и да се влијае на содржината на програмата, така што во медиумскиот простор да доминираат идеите и активностите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, соопштуваат од СЈО.

Божиновски заедно со  Груевски, спротивно на Законот за спречување на корупција и Законот за радиодифузна дејност доделувале договори за набавка на услуги – купување на термини за телевизиско и радио емитување или, реемитување на спотови, за различни кампањи на Владата, повластувајќи радиодифузери кај кои можеле да влијааат на уредувачката политика и кои обезбедувале услуги за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

За ова од 2010 до 2015 година од Буџетот биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите кои што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ. Освен тоа презеле и  седум локални телевизиски станици и едно радио, со што прибавиле значителна имотна корист за овие радиодифузери во вкупен износ од околу 5 илјади евра.

„Груевски донел одлука партијата ВМРО-ДПМНЕ да има учество во сопственоста и да ја организира и раководи уредувачката политика на седумте локални ТВ станици и едно радио, иако вакво нешто е спротивно на законите. Осомничениот Кирил Божиновски, помогнат од другите осомничени припадници на групата го спровел преземањето на телевизиските станици и радиото и ја организирал нивната работа.  Целокупното делување било во насока да се прикрие кој реално ја има сопственоста и контролата на медиумите, а самото финансирање на медиумите било од буџетски средства преку доделување на договори за услуги – купување на термини за телевизиско и радиско емитување на спотови на Владата“, велат од СЈО.

За финансирањето на медиумите биле користени буџетски пари и на индиректен начин, така што правни лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи учествувале во финансисрање на овие медиуми, а ваквиот начин на финансирање бил овозможен токму од осомничените лица.