Исклучените пратеници нема да гласаат против Груевски


Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата „За подобра Македонија“ нема да гласа за одземање на мандатот на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја очекува одлуката на кривичниот суд по неговото барање за одложување на одењето во затвор за случајот „Тенк“. Груевски во четврток треба да се јави во затворот „Скопје“ и да почне со двегодишната казна.

Во меѓувреме, новата пратеничка група што е собир од седумте исклучени од ВМРО-ДПМНЕ плус Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија, соопштија дека добиле известување од премиерот Зоран Заев дека нивните предлози за нацрт-амандмани се прифатени од владата. Координаторот Елизабета Канчевска – Милевска рече дека во однос на барањето за гарантирање на идентитетот, ќе биде вградено во членот 49 од Уставот на РМ и ќе гласи: Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.

– Со овој нацрт амандман се потенцира обврската на Република Македонија за заштита, гарантирање и негување на историското и културното наследство на македонскиот народ, рече Канческа Милевска.
Владата го прифатила и нивното барање за безусловно поништување на сите амандмани доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евроатланските интеграции кои произлегуваат од имплементацијата од Договорот од Преспа.
– Нашиот нацрт амандман ќе гласи: Овие амандмани се составен дел од Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со денот на влегување во сила Конечната спогодба на решаање на разликите опишани во резолуциите 837 и 845 од 1993 во Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција, рече Канческа Милевска.
Во однос на барањето за постепена промена на името Република Северна Македонија за внатрешна употреба, таа кажа дека во Уставниот закон е добро да биде нацрт-амандманот: „Примената на името и терминологиите за внатрешна употреба ќе бидат согласно Договорот, при што за сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите кои можат да се користат и надвор од државата прилагодувањето треба да се изврши во рок од пет години по влегување во сила на уставните амандмани. Документите кои се исклучиво за внатрешна употреба ќе се прилагодат на уставните амандмани при отворањето на секое поглавје во преговорите со ЕУ и ќе биде финализирано во рок од пет години од тогаш“.

Канческа Милевска очекува инклузивност и апелира сите пратеници да се вклучат во јавната расптава која мора да се одржи во оваа фаза од уставните измени.

Пратеничката група до претседателот на Собранието доставила иницијатива за формирање за основање интерпартиско парламентарно тело за помирување и интеграција и во понеделник на координација со претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе биде дефинирано како ќе функционира ова тело и каква ќе биде методологијата за работа. Очекува членови на ова тело да има и од ВМРО-ДПМНЕ и смета дека Законот за амнестија треба да влезе на разгледување преку оваа Комисија.
Пратеничката Владанка Авировиќ кажа дека доаѓа од Социјалистичката партија, која го почитувала нејзиниот став и оти и натаму ќе ги претставува интересите на оваа партија. Смета дека процесите се многу тешки и дека времето ќе покаже дали етикетите кои им биле „лепени“ на овие пратеници се оправдани или не и оти време е Македонија да ги финализира евроинтеграциските процеси и да не биде оставена настрана.