Интервју со Љупчо Јаневски: Македонија е дестинација за четири сезони


Кои се стратегиите и приоритетите на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во насока на привлекување туристи и развој на туризмот во земјава?

Насочени сме кон промовирање на Македонија како туристичка дестинација, која е неоткриеното богатство во Европа. Факт е дека имаме со што да се гордееме и имаме понуда која е автентична. Во контекст на ова, Агенцијата започнува со нов пристап во промовирање на Македонија преку странски интернет-медиуми, што значи дека се вклучуваме активно во светските текови, кога се во прашање маркетинг-кампањите и промоцијата на дестинацијата. Со земјите од регионот, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Хрватска ќе комуницираме преку слоганот – „Македонија, вашата следна дестинација!“ Приоритет се туристите од регионот, но акцент ставаме и на пазари од каде што има веќе воспоставена авионска конекција како Турција, Полска, Чешка, Израел, Естонија и Шведска, а паралелно работиме и на враќање на гостите од Хрватска и Словенија.

Ќе се движиме во чекор со светските туристички трендови, а тие налагаат потрагата по мало, локално и автентично, развој на активности поврзани со природата и спортови во природа, вклучувањето во локалната култура и хедонистичкото искуство, природната храна и гастрономијата како фокус на промоцијата. Би сакал да напоменам дека започнуваме со активна промоција на гастрономијата, винскиот пат во Македонија, културата и историјата, екотуризмот, но и со максимален пристап кон авантуристичкиот туризам. Со ваква промоција очекуваме од 15 до 20 отсто зголемување на домашните и странските туристи во периодот што следува.

Она на што треба повеќе да се насочи вниманието е транзитниот туризам. Македонија како главна крстосница на Балканот мора да ги задржи транзитните туристи барем на две ноќевања, а за тоа да се постигне мора да се изградат хотели, автокампови, ресторани со што ќе се зголеми туристичката понуда по меѓународните трансверзали Е-75 и Е-65.

 

Кој туристички концепт треба да добие приоритет во Македонија, масовниот или алтернативниот?

Минатата година Македонија ја посетиле околу еден милион туристи кои оствариле 2,8 милиони ноќевања. Повеќе од 60 отсто од нив престојувале во два плански региони – скопскиот и југозападниот регион, каде се остварени околу 70 отсто од вкупниот број на ноќевања. Ова јасно ја покажува моќноста на овие два региони, нивната атрактивност и туристичка понуда, но и формите на масовен туризам во шпицот на сезоната.

На Македонија ѝ е потребен квантитет, но и квалитет во сите четири сезони. Доколку овие два региона предничат во туризмот, останатите шест региони треба да се развиваат со останати форми на туризам кои нема да бидат конкуренција, туку надополнување на туристичката понуда. Оттука, националните паркови, заштитените подрачја, велосипедските и планинарските патеки, терените за параглајдинг, но и градење на нови форми на туристичка понуда ќе овозможат поголем број на туристи и во овие региони.

Во летната сезона околу езерата во Македонија има понуда за екскурзии околу други повеќе или помалку познати туристички локации, како нуркањето и параглајдингот околу Охридското Езеро и националниот парк Галичица, додека пак Дојранското Езеро во последно време се поинтензивно се избира како дестинација соодветна за организирање на музички фестивали.

Активниот туризам бара уникатни, природни ресурси, кои Македонија ги има во изобилство, но неопходно е претходно мапирање, обележување, санација на терените и нивно ставање во функција на безбеден и одржлив начин. Оваа година Агенцијата планира уредување, означување и обележување 11 нови планински пешачки патеки, како и промоција на истите, со цел развој на активниот туризам и руралните средини. Продолжуваме со реализација и на проектот за „Развој на спортското качување и негово ставање во функција на туризмот“, за што планирано е уредување на нови и санација на постоечки тренинг-локации за качување на карпа, со поставување околу 120 насоки.

Туристите и сите оние што практикуваат екстремни спортови, желбите за адреналин и авантуризам ќе можат да ги реализираат на качувачките локалитети кај Матка, Маврово и Кадино карпа, во близина на Скопје. Уредуваме и локации за алпинистичко качување (Матка, Демир Капија, Лешница и Остра Карпа), со цел зголемување на безбедноста и атрактивноста на локациите и привлекување на поголем број на туристи од еден од најбрзо растечките пазари.

Има ли Македонија туристички места за сите четири сезони?

Дефинитивно да. Македонија е дестинација за четири сезони. Заради тоа, можностите и на регионите и на општините треба да бидат фокусирани на развивање на туристичките потенцијали и нивна валоризација. Македонија има потреба од стратегии на најниско ниво, но и една генерална стратегија, која се надевам, во брзо време ќе биде донесена и ќе ни ги покаже правците во кои македонскиот туризам треба да се движи во наредниот период. Заложбата на Агенцијата за туризам, Министерството за економија и целиот туристички сектор е што побрзо таква стратегија да биде донесена и имплементирана.

Ако говориме за туризам во четири сезони, Македонија има со што да се пофали. Свесни сме дека најголем број од странските туристи се стационираат на охридското крајбрежје, но имаат можност освен езерски туризам, со посредство на домашните тур-оператори, да ги искусат и алтернативните форми на туризам. Можеме да им понудиме храна, добро вино, адреналин или релаксација, за да си заминат со незаборавно искуство. Единствено што недостига е едукација и градење нови туристички содржини.

 

Имате ли стратегија како македонските граѓани почесто да бидат туристи во нашата земја?

Сѐ повеќе се трудиме да ги промовираме туристичките потенцијали на Македонија пред македонските туристи. Во првиот квартал бројот на домашни туристи расте, а тоа е резултат на приспособувањето на цените и аранжманите за викенди за македонскиот џеб.

Промоцијата на викенд-дестинациите во Македонија поттикната од државата со субвенционирање за домашни туристи треба да ги даде своите ефекти. Целта ни е бројот на домашни туристи да е поголем од странските туристи. Годинава предвиден е раст од 10 до 15 отсто. Директниот девизен прилив во македонското стопанство во минатата година е 17 милијарди денари, што ја покажува моќноста на туристичкиот сектор и на туризмот воопшто. Секое десетто вработување во светот е во полето на туризам, 10 отсто од БДП во светските економии се влева од туризмот.

 

Има ли резултати од соработката на регионално ниво?

Далечните туристички пазари како Јапонија и Кина стануваат се поатрактивни не само за Македонија, туку и регионално, што ја наметнува потребата од заеднички, координиран настап на балканските земји на овие пазари. Со формирање на заеднички туристички продукт нема да претставуваме конкуренција туку, напротив, со квалитет ќе допринесеме за туристички развој на регионот.

 

Што можеме да очекуваме од претстојната сезона, подготвени ли се нашите туристички места?

Сезоната веќе почна, во првиот квартал бројките ни покажуваат зголемен број на туристи и ноќевања споредбено со истиот период лани. Веќе голем број туристички места имаат недостиг на слободни места. Сезоната во Охрид почна со велигденските празници, април и мај беа со значителен пораст на туристи, па треба да очекуваме континуиран раст и во периодот што следува.

Сања Наумовска