Интервју со Јелена Јованова: За Божиќ сум секогаш дома


Јелена Јованова (33) е една од нашите најубави и најангажирани актерки дома, но и во странство. Секогаш е подготвена за нови претстави, филмови, серии. Пред еден месец го заврши и снимањето на шпанскиот трилер „El desentierro“ на режисерот Начо Руиперез, каде што ја толкува главната женска улога. Претходно, ги нанижи филмските улоги во хрватскиот филм „Устав на Република Хрватска“, српскиот „Злогоње“, ирскиот филм „Како да ме нема“, но и филмот кој го режираше Анџелина Џоли „Во земјата на крвта и медот“. Јованова ја видовме и во сите телевизиски серии што ги реализираа македонските продукции: „Преспав“,„На терапија“, „Инсајдер“, а ја играше и главната улога во хрватската серија „Тајни“.

Јованова стабилно го трасира својот пат кон интернационална кариера, а успешно го менаџира и својот приватен живот. Родена е во Босна и Херцеговина, израсната во Македонија, а во моментов е во Хрватска. Честите патувања не стивнуваат ниту сега бидејќи матичен театар ѝ е МНТ Скопје, а со нејзиниот сопруг, хрватскиот актер Стјепан Периќ, живеат во Загреб. За минатава година Јованова вели дека поминала 25.838 километри и ја оценува како хаотично позитивна година. Периодов го снимате шпанскиот трилер „El desentierro“ на режисерот Начо Руиперез.

Кажете ни малку повеќе за оваа соработка и ликот што го толкувате?
– „El desentierro” е дебитантски филм на младиот Начо Руиперез. Филмот се снимаше од средина на септември до средина на декември во Валенсија, Суека и околу оризовите полиња во Албуфера. Продуцент на филмот е Ксимо Перез, а фотографијата на Хавиер Салмонес. Преку трилер-платформата филмот ја прикажува корумпираноста на власта, изгубените општествени морални вертикали, затајувањето на вистината која го наоѓа својот пат до виделина после цели дваесет години. Со секое појавување на некој нов лик во филмот, во зависност од тоа која вистина или кој дел од вистината тој лик ја носи, дејството се развива кон можен расплет или се враќа во ќор-сокак. Еден вид Рашамон-ефект кој постојано шокира и изненадува. Ликот кој јас го играм се вика Вера. По неа, односно по вистината се трага низ целиот филм. Кога ќе ја најдат, Вера ја заокружува приказната со откривање на вистината, но не само за другите ликови, туку и за себе.

Какво е искуството од овој проект, како ви одеше со шпанскиот јазик?
– Забавно и незаборавно искуство. Но би лажела ако кажам дека беше лесно. Сценариото постојано трпеше промени, се разбира за поголемо веродостојно постоење на приказната и ликовите. Па кога таквата промена ќе ме најдеше ден пред снимање кога треба одново да научиш текст на шпански, е тогаш требаше да се истрае и да се успее. Се надевам егзистенцијата на мојот лик ќе биде оправдана.

Фото: Ранка Латиновиќ

Кога и каде ќе се случи неговата премиера?
– Премиерата на филмот ќе биде следната година на филмскиот фестивалот „Сан Себастиан“.

Малку се раздвижија работите околу македонските продукции, па за две години видовме неколку македонски ТВ-серии. Речиси во сите имавте учество. Кој од тие карактери што ги толкувавте ви е најдопадлив, а со кој најмногу се поистоветувате и приватно?
– Оние што ме познаваат добро знаат дека ниту еден од тие карактери не е близок на мојот. Таквата разлика ја храни креативноста и го зајакнува предизвикот. Да влезеш во туѓи чевли носи одговорност, но и неверојатно богатство од нови погледи на одредени ситуации и решенија на истите кои се поинакви од твоите. Не судејќи никому, а потхранувајќи ја емпатијата не само што растеш и се развиваш во улогата, туку и лично. Од таквите причини, улогите што ме изместуваат надвор од комфорна зона, поттикнувајќи ме на позитивно себепреиспитување, се улоги во кои уживам и кои се надевам ќе ја следат мојата кариера.

Често патувате на релација Скопје-Загреб поради работни обврски, но и од приватен причини. Како се усогласувате со сопругот со овој динамичен начин на живот?
– Живеам со човек кој разбира што работам и какви даноци оваа професија повлекува со себе. Кога некој заминува некаде на подолго, другиот го следи во секој возможен момент. Додека пак во кратките разделби има и нешто слатко, нешто што уште повеќе зближува. Засега сме далеку од некој црвен аларм и се надевам таквата состојба ќе трае.

Фотографија од снимањето на шпанскиот филм (приватна архива)

Забележавме и промени во бојата на косата, станува збор за нов имиџ или потреба за некоја од улогите?
– Косата ја скратив за улогата во шпанскиот филм и се чини дека ќе ја задржам вака некое време. Промената дојде супер, а трансформацијата во кадар со плус зелени леќи изгледа многу добро, точно и веродостојно. Физичките промени за потребите на некоја улога се нешто во што уживам како мало дете и се надевам дека во иднина ќе работам на проекти во кои храбро би пристапила кон некоја нова трансформација.

Се чини дека и оваа година што изминува ја завршувате работно. Што најмногу ја одбележа кај вас?
– Хаотично позитивна беше 2017 година. Работев на седум проекти во четири различни земји, добив за мене драго и чесно признание „Златна бубамара“, а се радував и на професионалните успеси на мојот сопруг. Запишав и учев техники на моделирање, кроење и шиење. Нешто што од секогаш ме интересирало, па во целото професионално лудило креативно се опуштав со тоа. За сето ова да се реализира, досега поминав, само годинава, 25.838 километри. Дефинитивно сум спремна за камионџија. (се смее)

Каде ги прославивте празниците?
– Католички Божиќ во Загреб. Новата година ја дочекав во зимската бајка на Плитвичките Езера, а за нашиот Божиќ се надевам дека ќе успеам да дојдам дома.

Што си посакувате во новата година?
– Здравје. Светлина и среќа. За останатото се надевам доволно сум паметна да можам и сама. Среќни празници.

Ивана Настеска

фото-насловна: Жарко Чулиќ