Интервју со Јанко Бачев: Немаме руски пари, а новата власт ќе го поништи договорот со Грција


Активен сте на протестите против промена на уставното име. Што е тоа што не ви се допаѓа во Договорот со Грција?

Договорот е поразителен бидејќи со него се уништува сѐ што е македонско: од име, идентитет, јазик, култура, а има и една одредба каде што се меша и во приватната сфера на граѓаните. Досега можевме на партиски собири или општонародни митинзи да го вееме и 16-кракото знаме, кое го имаме и пред партиското седиште. Со договорот се забранува употреба на знамето и симболите од Кутлеш. Покрај тоа, граѓаните нема да смеат да ги користат топонимите на македонски јазик. Иронично кажано, се враќаме во 1948 година, затоа што тајната полиција можеби ќе стои под прозорците и ќе наслушнува дали некој употребил Солун или Куклиш наместо Тесалоники и Килкис.

Сепак, договорот нема да заживее, бадијала е заблудата што ја создаваат владините медиуми и аналитичари дека со потпишувањето во Преспа сѐ е готово. Според меѓународното право, договорот не значи ништо додека не влезе во правна сила и на биде ратификуван, а тоа прво треба да го стори македонското Собрание. Во мојата професорска и политичка пракса не сум сретнал договор каде што ратификацијата не се одвива истовремено кај сите потписнички. Значи, ние ќе треба да ги поминеме сите фази, па да дојдеме до грчкиот парламент. По ратификацијата, ќе треба да спроведеме референдум, па да изгласаме уставни измени. Реално, тие работи нема да поминат. Впрочем, тоа е наведено и во една одредба според која, доколку до декември годинава, втората страна, односно Македонија, не ја информира Грција дека сите обврски сме ги исполниле, договорот не важи и се враќа на почеток. Ова е една голема забава на Заев и на Ципрас. Кон крајот на годината, кога сѐ ќе пропадне, Заев ќе се фали дека не го сменил името.

Зошто сте сигурни дека предвидени процедури нема да поминат? За ратификацијата се потребни 61 пратеник, следува референдум, за кој постојат алатки како да се заобиколи или спроведе успешно дури и доколку бојкотира опозицијата…

– Да претпоставиме дека референдумот ќе успее, потоа има уставна ревизија, а го слушнавме лидерот на ВМРО-ДПМНЕ како се колне во животот дека нема да го дозволи тоа. Еве, и уставните измени да поминат, ќе дојде најтешката пречка: ратификацијата во грчкиот парламент, а сите други партии освен Сириза се против.

Ако се против договорот, зошто тогаш ѝ беше изгласана доверба на владата на Алексис Ципрас?

– Нивниот главен коалициски партнер, Независни Грци, рече дека ќе ја поддржи владата, ама не и договорот. Ципрас има 145 пратеници, а парламентот околу 300, што значи му треба поддршка. А, видовме дека и Нова демократија, и Независни Грци, и Комунистичката партија нема да гласаат за договор што ќе го содржи името Македонија. Македонија ниту ќе влезе во НАТО, ниту во ЕУ, ниту ќе го промени името. Тој меѓународен договор не значи ништо, тој е ништовен според меѓународното право. За да имате еден таков договор, треба да бидат исполнети два услова: договорот да биде вклучен од овластени државни органи и да има дозволен предмет на договарање. Во нашиот случај не е исполнет ниту еден. Прво, Зоран Заев не е овластено лице, бидејќи според домашниот закон единствен задолжен за тоа е претседателот, додека Владата може да склучува договори само по исклучок во точно одредени области: енергетика, култура, јазик, спорт… Дотолку повеќе што Заев е избран од Собрание со кое раководи нелегално избран претседател. Вториот момент е што договорот нема дозволен предмет, затоа што според меѓународното право името не може да биде предмет на договори бидејќи тоа е прашање на внатрешните надлежности и околности на секоја држава. Во ред, јасно ни е дека тие играат на варијанта дека Хан, Могерини и Европската Унија насила ќе го протуркаат, исто како и изборот на Талат Џафери, но треба да бидат свесни дека овој пат тоа нема им помине. Едно поради народот, а друго поради меѓународните политички околности на Балканот, кои набргу ќе се сменат. Моќта и влијанието ќе се изместат од една на друга страна.

На што точно мислите?

– Игрите на големите сили ќе се поместуваат. Ќе дојде друго влијание и ние тогаш внатре во Македонија, како Единствена Македонија и како нова легална власт, ќе знаеме како самите да се справиме без помош однадвор. Дури и во најлошата варијанта, договорот да се потпише и да се ратификува и во Грција, новата легална власт во Македонија ќе го поништи. Владините медиуми и експерти шират пропаганда и на меѓународно склучен договор му даваат значење како на Библија. Тоа не е точно бидејќи и меѓународните договори, како и сите договори, се потпишуваат, се склучуваат и се раскинуваат. Тоа е јасно дефинирано во Виенската конвенција за договорно право.

Зошто на неделниот протест мавтавте со руско знаме и зошто се качивте на полициски хермелин? Што сакавте да постигнете со тоа?

– На хермелинот застанав кога тој тргна да го гази народот. Интересно, додека имаше кошкање меѓу демонстрантите и полицијата, припадниците на МВР не реагираа, а кога протестот стана целосно мирен и кога луѓето извикуваа пароли за Македонија, тогаш, несфатливо за нас, тргнаа да го тепаат народот. Застанав пред хермелинот, се качив и ги насочив луѓето да скандираат и да аплаудираат. Во тој момент, полицискиот службеник што управуваше со возилото, ми покажа дека тука ќе застане, дека нема да оди на народот и да се симнам. Тоа го направив, но излажаа, затоа што веднаш потоа фрлија шок-бомби и солзавец, кои паднаа пред моите нозе. Се здобив со сериозни повреди и таа вечер бев хоспитализиран.

Опозицијата ве прогласи за тројански коњ на Заев, односно за некој кој дотогаш мирните протести ги подбуцна да станат насилни со цел да се тргне вниманието од вистинскиот проблем. Кој ви е поголем политички непријател: СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ?

– Тие се едно исто. Цели 27 години лажат, крадат и ја растураат државата. Тие се една коалиција: ‘Погреб за Македонија’. Само неколку часа откако центарот за лаги на ВМРО-ДПМНЕ ме прогласи за човек на Заев, се јавија и од СДСМ за да ме наречат инсталација на претходниот режим. Ги повикувам Заев и Мицкоски да се договорат чиј човек сум. Вистината е дека сум човек на Македонија. Го тргнавме процесот храбро, решително и во интерес на народот, за стратегиски сојуз со Русија, за членство во Евроазиската стопанска унија. Ние на следните избори ќе ги поразиме тие две партии и ќе расчистиме со сите национални предавници. Ќе ви споменам дека револтот на членството во ВМРО-ДПМНЕ кон новото раководство е огромен и ние изминатиов период имаме масовен прилив на нивни членови во нашите редови.

Како го замислувате сојузот со Русија, имајќи предвид дека постојат различни пречки, почнувајќи од политички до географски?

– Длабоко сме убедени дека единствен начин за опстојување и просперитет на македонскиот народ е сојуз со Русија, затоа што Русите ниту еднаш не ги доведоа во прашање територијалниот интегритет, идентитетот, унитарноста, јазикот, името и културата. Тоа се вредности што ги прифаќаме и имаат основа во традиционализмот. Ќе имаме огромни економски придобивки со членството во Евроазиската стопанска унија. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои тврдат дека немаме друг избор освен НАТО и ЕУ, прифаќаат либерални вредности и сакаат да ги промовираат хомосексуализмот, истополовите бракови… Досега на народот му сервираа оти нема друг избор. Ние им го даваме, па народот нека одлучи.

Постојано зборувате дека ќе дојдете на власт по следните парламентарни избори. Но реалноста говори дека во 2014 година, кога последен пат учествувавте на избори, имајќи предвид дека во 2016 година не ви беше дозволено, освоивте помалку од две илјади гласа. Колкава е силата денеска?

– Да, во 2016 не добивме дозвола од Државната изборна комисија по притисок на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Но на ланските избори имавме 14.000 гласа. На 21 јануари годинава, откако на седница на ЦК на Народното движење на Македонија донесовме одлука во иднина да настапуваме како Единствена Македонија и за радикален пресврт во надворешно-политичкиот приоритет, постојано сме на терен. Тогаш имавме 27, а сега 54 општински комитети, уште малку и ќе нѐ има насекаде. За кратко, со партиската инфраструктура ќе бидеме на нивото на СДСМ и на ВМРО. Иако сме под медиумски мрак и од оваа власт, исто како и од поранешната, во разговор со граѓаните гледаме дека анкетите за голема благонаклонетост кон ЕУ и НАТО се голема лага. Подготвиме проглас што го поделивме во 100.000 примероци, во кој ги наведуваме нашите определби. И самите сме изненадени колкав е интересот на граѓаните.

Како се финансира Единствена Македонија, дали се финансирате со руски пари?

– Ова е многу интересно прашање што ми го поставуваат и многу мои пријатели. Јас ги разбирам луѓето, владее една апатија и депримираност дека сѐ е платено во политиката. На народот му е тешко да сфати дека има луѓе што се водат од идеја. Немаме никаква донација од странство, што и по закон е забрането. Во моментов добиваме пари од државниот буџет благодарејќи на гласовите што ги добивме на минатите избори. Финансирам и јас, како и некои други членови што имаат помали бизниси. Се надеваме дека помоќни бизнисмени ќе се одважат и ќе донираат средства за нашата партија.

Горан Адамовски