Интервју со Рафаеле Кантоне: Специјалните обвинителства се за краток рок


Корупцијата се одразува негативно на најсиромашните, а ги фаворизира најелитните слоеви во општеството – порача вчера Рафаеле Кантоне, претседател на италијанската Национална управа за антикорупција (АNAC). Во интервју за „Независен весник“ тој ги изнесе своите ставови за непотизмот што деновиве е актуелна тема во Македонија, за потребата од специјално обвинителство, за (не)оправданоста на амнестијата и како треба да работи новата антикорупциска комисија кај нас.
Раководите институција со многу надлежности – мониторинг на тендери, мониторинг на конфликт на интереси, на вработувања во јавната администрација и генерално следење на корупцијата. Во Македонија не функционира ништо од тоа. Од каде да почнеме?
-Македонската комисија за спречување на корупцијата има одличен модел за набљудување на корупцијата, а особено за набљудување на противзаконски стекнат имот и за судир на интереси. Мислам дека тоа е добра рамка за започнување на борбата против корупцијата. Многу е добро што се усвоија компоненти на работа на оваа комисија што ќе овозможат конкретно спречување на ваквата појава во општествениот живот. Затоа е многу важно македонската комисија добро да започне со својата работа.
Според Вас, ѝ треба ли на Македонија сè уште Специјално јавно обвинителство и дали можеби треба да му се прошират ингеренциите?
– Ние во Италија не сме убедени во корисноста од постоењето на специјални јавни обвинителства. Зошто? Затоа што нашето правосудно искуство вклучува посебни оддели во секое јавно обвинителство што се занимаваат со борба против организираниот криминал. Нашиот пристап за правосудство е интегриран и ние сметаме дека постоењето на специјални јавни обвинителства треба да биде само краткорочно. Само со интегрирано и силно судство со специјални секции во секое јавно обвинителство за борба против организираниот криминал може да се спречи тој феномен.
Може ли да се води борба против корупција во судството без да се разреши ниту еден судија? Како гледате на албанскиот модел на ветинг во судството и во обвинителствата?
-Албанскиот модел е многу интересен, особено во однос на следењето и искористувањето на можните кривични дела во правосудниот сектор и меѓу судиите. Не знам што би можел да кажам во однос на тоа дали треба да се разрешуваат судии или не, но она што го кажа вашиот премиер Зоран Заев е од суштинска важност – дека корупцијата како кривично дело во правосудството е едно од најгрозните и најстрашните дела. Механизмот што го спомнавте, ветингот, истовремено е и корисен, и опасен инструмент, бидејќи може да се употреби за отстранување на судии кои на некој начин се неподобни. Затоа, треба голема контрола во користењето на овој инструмент и да се внимава како ќе се применува.
Дали Вашата институција на некој начин ќе оствари соработка со СЈО и со Антикорупциската комисија тука?
-Со СЈО не, бидејќи немаме судски надлежности и компетенции. Но, со македонската Комисија за спречување корупција веќе подготвивме можности за потпишување на меморандуми за соработка, документи и протоколи и предложивме нејзини членови да се вклучат во Европската мрежа за спречување на корупција.
Како гледате на давањето амнестија за криминал на високи функционери заради повисоки политички цели?
-Јас сум многу критичен во однос на одлуките за амнестирање на политичари кои можат да бидат прифатливи само доколку настане некаква промена на законите, па тие да станат многу построги. Но, сум категорично против одредби за амнестирање на политичари, затоа што тоа им го дава и им го уважува правото на неказнивост.
Во моментов во Македонија најактуелно е прашањето за непотизмот во администрацијата. Според Вас, како може да се реши ваквиот начин на вработување роднини на функционери во државно финансирани компании или институции?
-Непотизмот не само што е многу опасен облик на корупција, туку тој и ја помага, бидејќи лицето што е вработено преку еден вид услуга е расположено во иднина да возврати со друга услуга. Треба да има и да се применува нормативен систем со построги правила против судирот на интереси кој ќе забрани вработување на лица кои се во роднинска врска со тие што именуваат или се во позиција да именуваат и вработуваат.
Италија долги години води битка со корупцијата. Според Вас, ја победивте ли? Дали се работи за систем или за менталитет?
-Не можам да кажам дека сме ја победиле целосно корупцијата, иако направивме значителен вредносен скок на листата на „Транспаренси интернешенел“. Но, можам да кажам дека борбата против корупцијата бара континуитет. Секоја борба против корупцијата треба да биде постојана и непрекината. На пример, Италија има многу успешно, константно и континуирано искуство во борбата против организираниот криминал. Тука сме многу успешни. И доколку сме исто толку континуирани и успешни и во борбата со корупцијата, ќе бидеме меѓу најдобрите.

Слободанка Јовановска