Интервју со Милчо Манчевски: Нема проблем да си на црна листа ако инсистираш на слобода


Луѓето се секаде исти – ги има и лоши, и добри, и прости, и благородни. Некаде има повеќе од едните, некаде повеќе од другите. Мило ми е кога ќе видам дека луѓе слично реагираат на моите филмови и во Бразил, и во Америка, и во Италија, и во Кина или во Македонија, вели режисерот Милчо Манчевски, кој минатиот месец во Скопје ја имаше премиерата на неговиот американски филм „Бикини Мун“.
Филмот раскажува за една современа трагедија за жена која била војник во Ирак. По враќањето, таа живее како бездомник на улица во Њујорк, и затоа што е ментално нестабилна, ѝ ја одзеле ќерката. Манчевски и со овој филм успеа да ги помести границите и да создаде нов начин на презентирање на филмските приказни.

Во разговорот со „Независен весник“, тој вели дека често поаѓа од формата кога почнува со работа на филмовите. Приказната, емоциите, ликовите и визуелното доаѓаат подоцна.

Имам впечаток дека со секој ваш режисерски печат одново им пркосите на правилата, на нормалното, на очекуваното… Во право ли сум ако забележам дека и во последното ваше филмско остварување „Бикини Мун“ поставувате нови стандарди?

– Да, во право сте. Секој човек својот крст си го носи, а јас сакам и во животот и, особено, во уметноста да истражувам, да набљудувам, да патувам, да прашувам… Мислам дека нема напредок, а честопати нема ни свеж воздух ако се задоволуваме со постоечкото. Барањето нови можности во уметноста возбудува и јас го правам тоа со секој филм. Тоа има корен и во мојот интерес за експериментален филм и авангардна уметност воопшто. Често поаѓам од формата кога почнувам со работа на моите филмови. Приказната, емоциите, ликовите и визуелното доаѓаат подоцна.

Поигрувањето или вметнувањето на документаристичкиот дел остава простор кај гледачот за размислување: Дали и колку е вистинито она што ни се сервира преку документарци, преку мејнстрим-медиуми, најмногу преку интернетот. Размислувавте ли во овој правец додека го подготвувавте филмот? 

– Документарниот филм или она „според вистински настан“ се изборил за респектабилна позиција. Заедницата ги цени и смета дека документарците ја кажуваат вистината, иако тоа често пати не е вистина. Ова го знам затоа што процесот го гледам од зад камерата. Има документарци што не се чесни. Најважни се емотивната вистина и чесноста. А, инаку, во големата слика размислував за тоа колку е елузивна вистината. Честопати нештата зависат од перспективата, зависат од тоа од каде ги гледате, колку информации имате, каков е контекстот, каква е намерата. Тоа е во спротивност со она што сме го учеле или она што сме го верувале – дека постои една објективна вистина. Во потесна смисла, тоа дека најголем дел од медиумските објави се пристрасни веќе и врапците го знаат. Живееме во смешно време – многу, многу информации се достапни, ама тоа за огромен дел од луѓето не значи дека се поблиску до вистината. Напротив, вистината се крие зад фактите и зад личните ставови – кои се резултат на емоции.

Приказните што ни ги раскажувате преку филмовите секогаш се фокусирани на луѓето, без разлика кои се и од каде доаѓаат, но и ја губат човечката димензија меѓу нив. Полоши сме во реалноста?

– Да, најмногу ме интересира човекот и човечката емоција. Онаа основната, чистата, емоцијата која ја има кај сите луѓе – на секоја планина и на секој остров и во секој град. Луѓето се секаде исти – ги има и лоши и добри и прости и благородни… Некаде има повеќе од едните, некаде повеќе од другите… Мило ми е кога ќе видам дека луѓе слично реагираат на моите филмови и во Бразил, и во Америка, и во Италија, и во Кина или во Македонија. Што се однесува до човечката лошотија, се обидувам да ја разберам, ама изгледа дека тука нема многу за разбирање, таа е базична како атом.

Поминаа години од последната премиера на ваш филм во Македонија. Како си поминавте сега на „Бикини Мун“?

– Одлично. Ова за мене беше една од најубавите премиери што сум ги имал тука. Имаше топлина во воздухот. Затоа што „Бикини Мун“ не е македонски филм, луѓето беа ослободени од тоа како јас ги „претставувам“ и уживаа во филмот, во емоцијата, во пораките. Уметноста не се прави ни за публика ни за критика – уметникот има дијалог со самото дело, а не со луѓето, ама сепак е убаво, човечки е да ти биде мило кога луѓе ќе му се израдуваат на она што го работиш и што го кажуваш. На премиерата луѓето беа првин стаписани од филмот, а потоа му се предадоа со душа и со тело. „Бикини Мун“ не е лесен филм, ниту по формата ниту по содржината, а најмалку по емоцијата, и немаше да ме изненади ако поминеше неразбран. Ама, се случи спротивното – луѓето беа понесени од делото. На премиерата дојдоа прекрасни луѓе, луѓе кои ги знаеме по критичкиот ум и по добрата мисла, наместо позери и шминкери кои се лепат на црвени килими.

Агенцијата за филм годинава го поддржа вашиот следен филм со работен наслов „Врба“. Ќе ни откриете нешто околу тој проект? 

– „Врба“ е европска копродукција. Филмот е на македонски и ќе се снима тука. Станува збор за две и пол љубовни приказни кои покриваат четири века. Главните пет лика се млади луѓе од голем град и од село.

Пред три години изјавивте дека сте на црна листа во Македонија. Како се чувствувате сега? 

– Од практична гледна точка поубаво е кога човек не е на црна листа. Од друга страна, не е никаков проблем да бидеш на црна листа – дури те прави и да се осетиш горд – ако си се нашол на неа поради тоа што инсистираш на слободата на говор и на изразување.

Ја следите ли политичката ситуација во земјава или само она што е неизбежно? 

– Само она што е неизбежно. Како одење низ токсична кал.

Да имате десет дена власт, што прво би промениле? 

– Ништо не се прави за десет дена. Веројатно е најважно да се изгради доверба во правниот систем и да се води чесна, а не племенска кадровска политика и би почнал оттаму. Со други зборови, треба да се најде начин да се промовираат способни, чесни и инспиративни луѓе во јавниот живот, на раководните функции и пред сѐ во судовите. А во исто време строго и безмилосно да се преиспитаат постапките на сите што потенцијално значеле прекршување на законот со години наназад – од грабеж, корупција, злоупотреба на службената должност и дела против заедницата, до паркирање на тротоар. (Тротоарите и автомобилите не се едни за други). Не десет дена, туку којзнае дали и десет години се доволни, ама давање пример и насока е важна работа. Нашите постапки знаат да бидат заразни.

Да можеше да вратите некого од мртвите, кој би бил тоа и зошто? 

– Мајка ми. Оти не ја знаев доволно.

За крај, често сте на релација од Њујорк до секаде низ светот. Каде ја полните позитивната енергија? 

– И во Њујорк и во Македонија, и на сите други места каде што патувам. Има некоја возбуда при секое пристигнување (а богами и заминување, ама на друг начин). Таа возбуда те прави по малку како дете, лесен и насмеан – и тоа те полни со убава енергија.

Ивана Настеска

Фото: Приватна архива