Интервју со Костадин Богданов: ВМРО-ДПМНЕ не треба да го бојкотира референдумот


Костадин Богданов од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ и член на извршниот комитет на партијата, смета дека некој што десетина години се залагал за референдум околу договореното за името не смее сега да се затскрива зад народот. Тој објаснува дека доколку некој е против не е патриотски да седи дома и да им остави простор на пратениците да решат за неговата судбина. Во интервјуто за „Независен“ порачува дека Мицкоски не му е продолжена рака на Груевски и оти време е за третата генерација на ВМРО-ДПМНЕ.
Имаше серија разрешувања на функционери во ВМРО-ДПМНЕ од пониските, но и повисоките партиски ешалони. Се вели дека тие се главно членови на реформаторското крило, чиј припадник сте и вие. Што точно се случува внатре во партијата?
– Како што кажа генералниот секретар во едно свое скорешно интервју, секретаријатот на партијата поминува низ некоја фаза на внатрешно реструктурирање од организациски причини. Намален е бројот на потсекретари, а со тоа одреден број на доскорешни функционери се тргнати од своите позиции во секретаријатот. Јас го немам добиено списокот на функционери на кои генералниот секретар им се „заблагодарил“ поради нивното наводно „потфрлање“. Но од партиските лица со кои сум во контакт, како и од информациите во медиумите, може да се заклучи дека најголемиот дел од отстранетите се токму поддржувачите на иницијативата за реформи. Официјалното објаснување е дека станува збор за нормално функционирање на една партија согласно системот на заслуги. Но сведоци сме дека дел од отстранетите функционери јавно проговорија дека не добивале никакви задачи за целиот овој период од шест месеци во кој беа дел од секретаријатот, па со право побараа објаснување на кој начин е направено вреднувањето. Односно, дали во заднина се крие друга причина во контекст на нивните прозападни политички убедувања. Особено што кастрењето се случува во период во кој се очекуваат клучни одлуки за иднината на државата, меѓу кои е и одлуката на партијата како ќе се постави кон референдумот и како ќе се однесува во целиот процес. Доколку постои некоја заднина како подготовка на секретаријатот за тивок бојкот на референдумот, такво нешто би им нанело огромна штета на партиските интереси. Уште повеќе доколку некој од претходното раководство на партијата стои зад оваа одлука на генералниот секретар. Како и да е, факт е дека потегот беше изненадување за многумина во раководството.
По „војната“ што ја започнавте со старото раководство предводено од Никола Груевски, изгледаше дека експресно најдовте заеднички јазик со новиот лидер Христијан Мицкоски. Дали тоа беше заблуда кога ќе се видат размерите на разрешувањата?
– Искрено, верувам дека не е. Сметам дека претседателот Мицкоски е свесен дека партијата нема друга алтернатива освен да се развива како вистинска демократска и проевропска партија, нешто што е јасно зацртано и во самите основачки акти на партијата. Впрочем, како што и тој самиот изјави во неколку наврати, времето на транзициските политичари е минато. Време е за третата генерација на ВМРО ДПМНЕ. Не смееме да дозволиме да ги повториме грешките на претходните генерации, особено не во делот на внатрепартиското дејствување и одлучување. Не смееме да бегаме од решавање на клучните проблеми за државата и да се затскриваме зад „народот“. Не смееме да шириме поделби помеѓу граѓаните на предавници и патриоти. Не смееме да ги девалвираме државните институции, а преку тоа и државата. Тоа е во сржта на идеологијата на модерните народни партии во Европа по која треба да се развива и нашата партија од страна на третата генерација. Свесен сум дека партијата е како политички танкер, на кој му треба повеќе време за да го промени курсот и правецот на движење кога е во фаза на реформа. Но, за жал, времето брзо тече, а во меѓувреме се случуваат и некои потези кои одново нè враќаат во старите води. Сепак, јас сум оптимист и верувам во светлата иднина на партијата.
Дали го делите мислењето на некои од вашите партиски реформаторски колеги дека Мицкоски е продолжена рака на Груевски?
– Гласови дека некој некому е продолжена рака, внатре во партијата, немало и нема. Повеќе такви гласови доаѓаат однадвор, од разни политички маргиналци кои себеси се идентификуваат со партијата или со различни фракции, фродеми и слични недефинирни структури, но во суштина работат единствено за сопствена промоција за лидерското место. И тоа го прават безуспешно со години наназад. Партиските колеги во партијата повеќе се загрижени за одредени генерални политики на партијата, за начинот на внатрешно функционирање на партијата, за степенот на нејзината демократизација, како и за одредени притисоци кои доаѓаат од различни страни, за конечниот партиски став околу референдумското прашање. Секако се многу загрижени и за резултатите на новата власт предводена од СДСМ, кој отсликува една безидејност и изневерени очекувања во речиси сите општествени области.
Постои впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ е раздробена од различни интереси. Тоа особено се виде со настаните кога во Собранието се гласаше за референдумот. Порано власта беше најдоброто лепило што го држеше членството. Дали партијата ја загуби кохезивната сила?
– Не би се согласил дека партијата ја има загубено кохезивната сила. Можеби така изгледа за надворешниот набљудувач кој беше навикнат да го перципира ВМРО-ДПМНЕ како партија со авторитарни елементи во нејзиното доскорешно функционирање. Партијата од секогаш имала различни интересни групи, но сега гласот на секоја од нив може да се слушне подеднакво во јавноста. Можеби тоа е причината за впечатокот во јавноста за постоење на разногласие. Секако, суштинско е притоа да се обезбеди целосен интегритет на различните внатрепартиски гласови. Тоа е суштината на демократијата во една партија. За жал, последната одлука на генералниот секретар фрла одредена сенка врз патот кој се обидуваме да го трасираме.
Вие отворено ја поддржавте идејата да се излезе на референдумот за името и секој да ја преземе одговорноста за иднината на државата. Има различни информации околу расположението меѓу членството – дека повеќето се за излегување на референдум, до тврдењата дека доминира кампот за бојкот. Имате ли реални сознанија како размислува членството?
– Она што е суштинско во врска со ова прашање е потребата од правилно и целосно информирање на членството, па и на поширокото граѓанство за лошите и добрите страни од договорот со Грција, разбирајќи го како процес што трае веќе 25 години. Уште во 1993 година нашата држава презеде обврска во најскоро време да го реши спорот со Грција. Наша партиска политика во последните 10 години, вклучително и денес, е дека граѓаните ќе го имаат последниот збор преку референдум да одлучат за прифатливоста на каков било договорен предлог. Не гледам причина зошто во овој момент не би биле подготвени да ја преземеме одговорноста како суверени граѓани на оваа држава и да го кажеме мислењето по предлогот кој е на маса. Размислувањата на членството, барем по оние информации со кои јас располагам, се шаренолики. Има членови кои го прифаќаат договорот, најмногу поради фактот што ширум ги отвора вратите за евроатлантската интеграција на државата, има членови кои се против договорот, најмногу заради крупните отстапки од македонската страна и, секако, има дел од членството кои сметаат дека е најдобро да се остане дома и да не се даде никаков одговор, најмногу поради своите анти-НАТО и анти-ЕУ убедувања.

 
Што мислат вашите колеги во извршниот комитет. Всушност, дали воопшто се расправа како да се постави партијата кон референдумот?
– Секако дека се расправа. Но шареноликоста на ставовите кај членството, исто така, се пресликува и во шареноликоста во ставовите на членовите на извршниот комитет. Можеби една работа преовладува кај мнозинството членови на ИК, а тоа е дека партијата во овие клучни моменти за државата не треба да повика на бојкот на референдумот во која било форма.
Претседателот Мицкоски најави дека конечниот став на партијата ќе биде соопштен до 10 септември. Логично ли е за таква голема одлука да се чека толку долго?
– Мое лично мислење е дека партијата треба што поскоро да излезе со став со кој ќе го повика своето членство масовно да излезе и самостојно да земе учество во одлучувањето за најкрупното прашање во поновата македонска историја. Сметам дека во моментов се наоѓаме на најголемата крстосница од самостојноста на државата, и каква било индиферентност на партијата во смисла на опстојување на ставот „кој што сака нека прави“, мислам дека ќе биде историски погрешна одлука без оглед на исходот од референдумот. Дополнително, значајно е и самите членови, па и граѓаните пошироко, да ја разберат суштината на референдумот и правото на непосредна демократија преку кое тие имаат можност самите да одлучат, или директно да влијаат врз одлучувањето. Навистина, не знам зошто некој кој е против договорот би останал дома и со тоа само би го пренел правото на одлучување од свои раце во рацете на 120 пратеници. Тоа воопшто не е патриотизам, туку обично бегање од одговорноста заради подоцнежно барање вина кај друг.
Може ли ВМРО-ДПМНЕ, која толку многу зборуваше за европската иднина на државата и за референдум за името, најпосле да се најде во одредено бунило кога треба да ги потврди своите ставови?
– Лично, не верувам. Напротив. ВМРО-ДПМНЕ, како сериозна, модерна, демократска и европска партија, мора да опстои на своите веќе одамна зацртани ставови. Тоа подразбира во периодот кој следи, детално и суштински да го запознае своето членство со историската задача пред која се исправени и опциите кои се нудат. Одговорноста е навистина голема, како на партијата, така и на секој поединец во неа. Убеден сум дека на крајот разумот ќе надвладее и конечната одлука на партијата ќе биде историски исправна.
Статутот што се подготвува предизвика контроверзии во јавноста, имајќи предвид дека претседателот и централата ќе добијат поголеми овластувања отколку сега. Рековте дека ќе донесете статут рамен на оној во сестринските европски народни партии. Сметате ли дека ја постигнавте целта, односно дека сте на прав пат и отидовте чекор напред?
– За волја на вистината, сè уште се работи со полна пареа врз одредбите на статутот. Во моментов нацрт-верзија е пратена до општинските комитети, па се очекува нивните забелешки, предлози и мислења да пристигнат до крајот на месецот. Нацрт-верзија е доставена и до партиските тела и комисии на разгледување. Од она што јас го имам како информација е дека веќе се пристигнати многубројни забелешки. Точно е дека има многу новитети во оваа верзија на која во моментов се работи, а кои се во насока на демократизација и децентрализација на партијата, но точно е дека има останато уште многу простор за негово подобрување. Особено во делот на слободата на говорот и дејствувањето во партијата, составот на Централниот комитет, начинот на избор на претседателите на општинските комитети и задолжителното депонирање оставки. За жал, овој процес на статутарна реформа на партијата предолго се завлече, иако беше најавуван на голема врата уште во декември минатата година.
Каква партија е и каква сака да биде ВМРО-ДПМНЕ: патриотска, со сите обележја на балканскиот патриотизам, или европска, каде што дебатата во неа ќе биде јавна и без последици?
– ВМРО-ДПМНЕ мора да биде модерна, европска народна партија. И тука нема алтернатива. Тоа е добро не само за партијата, туку пред сѐ за државата, без оглед дали партијата е во опозиција или е на власт. Потхранувањето на емоциите преку (квази)патриотизам, ксенофобија, поделби и нетолеранција, особено меѓуетничката, можеби на краток рок ќе даде резултат и ќе ја обезбеди власта по некој скратен пат. Особено тука на Балканот. Но, на среден и на долг рок, таквата политика на ниски страсти е девастирачка за општеството во целина. Особено за индивидуите кои го сочинуваат тоа општество, над кои се врши еден вид интелектуален геноцид, преку заробување на разумот со разгорени емоции. Цврсто сум убеден дека за неколку години од сега ВМРО-ДПМНЕ ќе биде пример на кој ќе се огледуваат нашите сестрински партии од регионот. Пример на партија во која слободата на мислата и дебатата ќе бидат основни постулати во нејзиното битисување.
Горан Адамовски