Интензивни средби на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со меѓународниот фактор


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што соопштуваат оттаму, овие денови е во интензивна комуникација со меѓународниот фактор и со надлеѓните институции, околу судскиот процес за настаните на 27 април.

„Би сакал да ве известам дека овие денови имавме интезивни средби со повеќе меѓународни претставници, а воедно и со повеќе лица кои што се директно засегнати во овој процес. Во текот на вчерашниот ден го посетивме и Народниот правобранител, каде што укажавме на нашето видување за прекршување на сите законски постапки и процедури околку начинот на кој што се води истрагата и начинот на кој што се спроведуваат сите предистражни постапки околу настаните на 27 април“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојлоски.

Тој соопшти дека денеска е реализирана средба со политичкиот претставник за правни работи на ОБСЕ Џеф Били, на кого му биле пренесени забелешките околу, како што рече, кршењето на човековите права на сите лица кои што се засегнати и обвинети околу настаните за 27и април.

„Воедно, искажавме и голема загриженост поради состојбата на еден од притворените кој штрајкува со глад веќе 7 ден и за кој имаме неофицијални сознанија дека неговата состојба не е воопшто добра. Се надеваме дека СДСМ ќе ги увиди своите грешки и ќе почнат соодветно да го спроведуваат законот во Македонија, а не да го прават тоа како што го прават во моментот -со класичен политички реваншизам, демонстрирање сила и силување на институциите. Воедно ги пренесовме и нашите забелешки околу кршењето на сите правни процедури и кршењето на полициската процедура при приведувањето на пратениците без претходно да биде соодветно правно постапено, односно да не е свикана седница и не е одземен нивниот пратенички имунитет согласно Деловникот на Собранието“, рече Манојлоски.